
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Основниот суд Битола го прифати во целост обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство Битола и реши да му суди на бизнисменот Борче Марковски и уште 8 други обвинети лица поврзани за тендер за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК Битола за сума од над 1,7 милиони евра.
Во овој случај ќе му се суди и на екс директорот на РЕК Битола Пеце Матевски, кој веќе е во домашен притвор за други дела поврзани со работата во РЕК Битола.
Бизнисменот Марковски има обврска еднаш неделно да се јавува во судот, а пасошот му е привремено одземен. Тој од пред Нова година два месеци беше во ефективен притвор до јануари. Марковски даде гаранцијата од речиси 5 милиони евра во недвижен имот и возила-сопственост на „Марковски компани“ за да биде на слобода.
Во овој судски процес покрај Марковски ќе им се суди вкупно на петмина вработени од РЕК „Битола“ и на двајца вработени во фирмата на Марковски.
Најновата вест е дека Основниот суд Битола проценил дека ОЈО Битола има доволно докази да се оди на судење каде што ќе се докажува вината или невиноста на обвинетите.
Судот во Битола објави дека во целост го одбри обвинителниот акт на ОЈО Битола.
Советот за оцена на обвинителниот акт, постапувајќи по обвинението КО.бр.619/25 од 30.12.2025 година, поднесено на 02.01.2026 година, против 8 физички лица и 1 правно лице и тоа: за 5 физички лица за продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за 3 физички лица за по едно продолжено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство", за 1 правно лице за кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство“, за 2 физички лица за продолжено кривично дело „Измама во службата“ и за 1 физичко лице за кривично дело „Измама во службата“, го одобри во целост.
„По вака одобрениот обвинителен акт против 8 физички лица и 1 правно лице ќе се формира кривично правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај совет од член 25 став 1 од Законот за кривичната постапка, за што ќе биде насрочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб страната на судот“, информира Основен суд Битола.

Битолското јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица и компанијата „Марковски компани“, вклучувајќи го и белорускиот почесен конзул битолчанецот Марковски како првоосомничен, за тендер за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК Битола.
Пред три години во 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и тогашниот директор на комбинатот Пеце Матевски , извршеле злоупотреба на службената положба и овластување, објави обвинителството.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка на јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“,соопшти претходно ОЈО Битола.
Кaко што е познато со меѓународна правна помош, ОЈО обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград во сопственост на Марковски. Замрзнати е имот на фирмата од 10 нови товарни возила на име на српска компанија на Марковски.
Автор Анета Блажевска
