
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од понеделник точно ќе се знае од што се предизвикани симптомите на труењето кај вработени од рудникот во РЕК Битола. Над стотина вработени вработени побараче лекарска помош поради можно труење со храна. Од средата најголем дел од заболените се третираат на дневна болница и се пуштени на домашно лекување, додека еден пациент е задржан со потешка кличничка слика.
Неофицијално до АПЛА стигнаа информации кои велат дека можно е сомнежите за труење со храна да се поради бактеријата салмонела што предизвикува дијареја, треска и болки во стомакот. Тоа е најчестата форма на труење со храна од бактерии како резултат на конзумирање на контаминирана храна.
Но, засега нема официјални податоци за сомнежите за труење со храна, тие ќе бидат познати следната работна недела.
„Од понеделник ги очекуваме резултатите од анализите. Брисевите од површини и персонал ги работиме во Центар за јавно здравје Битола, додека мострите на храна се работат во Институт за јавно здравје Скопје. Врз база на разултатите од анализите, резултатите од анализи кај пациенти, клиничката слика на пациентите, и направениот увид, издаваме стручно мислење за причината за труењето со храна“, потврди за АПЛА д-р Светлана Поповска Кљусева, вд директор, специјалист по епидемиологија во ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола.
Министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека кога ќе заврши лабораториската анализа во РЕК „Битола“, каде што се пожалиле на симптоми на труење, ќе излезат со подетални информации.
„ДЗСИ веќе беше на терен. Знаете дека процедурата трае 48 часа. Кога ќе заврши лабораториската анализа, ќе излеземе со информации“, рече Алиу.
Надлежните институции испитуваат што ги предизвикало стомачните тегоби, на кои завчера се пожалија 100-ина вработени во комбинатот. Тие тегобите ги пријавиле по јаделе лазањи со сос во мензата на комбинатот. Битолското Основно јавно обвинителство соопшти дека ги координира дејствата за целосно испитување на сомненијата за труење со храна во РЕК „Битола“. Дека ОЈО Битола е известено за случајот, информираа од Јавното обвинителството.
„Во однос на сомненијата за труење со храна во РЕК „Битола“, Основното јавно обвинителство Битола е известено и ги координира дејствата за целосно испитување на настанот“, посочија од Јавното обвинителството.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје – Битола и Институтот за јавно здравје – Скопје, по пријавата на случајот, извршиле вонреден инспекциски надзор во кујната на РЕК „Битола“, од каде што зеле мостри од храна и брисеви од работните површини, како и од вработените во кујната.
Како што соопштија од АХВ, кујната на операторот со храна што го опслужува комбинатот е привремено затворена, односно дадена е забрана за вршење дејност подготовка и послужување храна сè до завршување на инспекциската постапка и добивањето уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви.
АХВ нареди вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица.
Анета Блажевска
