
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Врховниот суд на Македонија донесе пресуда со која се уважува барањето за заштита на законитоста на Јавниот обвинител од Битола поврзана со замрзнувањето на имотот на битолската фирма „РУД-КОП“ сопственост на битолскиот бизнисмен Кирил Билјановски, која копаше јаловина во РЕК „Битола“ за време на СДСМ и директорувањето на Пеце Матевски во 2022 година.
Во овој случај Врховен укажува дека било донесено незаконско решение од страна на Основен суд Битола.
Во одлуката на Врховен суд пишува –„Се утврдува дека со решението на Основен суд Битола КС 20/25 од 6 мај 2025 година, сторена е повреда на член 202 од Законот за кривичната постапка во корист на осомниченото правно лице Друштво за производство трговија и услуги РУД-КОП увоз извоз Битола.“
Едноставно кажано, Врховен суд одлучуваше дали е законски тоа што откако претходно судија на претходна постапка од Основен суд Битола по барање на ОЈО Битола извршил замрзнување на средства во износ од 3 милиони евра како непосредна имотна корист од извршено кривично дело, Кривичниот совет на Судот во Битола ги одмрзнал тие средства и тоа истиот ден кога ОЈО Битола предложил притвор за инволвираните во случајот, и тоа постапувајќи по предлог на правното лице на чија сметка се наоѓаат тие парични средства.

Всушност Судот во Битола го одмрзнал имотот по барање на полномошникот на правното лице-сопственик на средствата, иако законски таква можност не постои. Законски е –„единствен кој може да предложи определување и привремени мерки за одземање имот и имотна корист заради обезбедување и да го обезбеди најсоодветниот вид на тие мерки е овластениот тужител, но не и осомниченото правно лице или друго заинтерсирано лице како што било во конкретниот случај.“
Имено на 14 февруари лани судијата на претходна постапка го уважил предлогот на обвинителот за замрзнување на парични средства од фирмата на битолскиот бизнисмен Билјановски, поради сомнение дека биле предмет на кривично дело.
Интересно во овој предмет е како потоа Кривичниот совет на Основен суд Битола носи, па преиначува одлуки по жалба на наведеното правно лице.
Како што пишува Врховен суд во пресудата бранителот на правното лице „РУД-КОП“ ДООЕЛ Битола, адвокат Игор Петковски од Битола до Судот –„поднел предлог за укинување на определената привремена мерка заради обезбедување на имот-замрзнување на парични средства кој со решение на судијата на претходна постапка на Основен суд Битола од 17.03.2025 е одбиен како неоснован.“
Незадоволна од ваквото решение одбраната на „РУД-КОП“ пак се жали до Кривичниот совет на Основен суд Битола кој носи ново решение на 6 мај, тоа е истиот ден кога ОЈО Битола поднесува обвинение за наведениот предмет.
Во новото решение според Врховен се вели – „Кривичниот совет на Основен суд Битола по изјавената жалба донел решение кое под став 1 жалбата ја уважил и решението на судијата по претходна пшостапка го преиначил на начин што предлогот на бранителот на оосмниченото правно лице „РУД-КОП“ за укинување на привремената мерка заради обезбедување на имот – замрзнување на парични средства го уважил и определената привремената мерка ја укинал.“
Понатаму во истото решение под став 2 Кривичниот совет спрема бизнисменот Кирил Билјановски од Битола определил привремени мерки – забрана на „РУД-КОП“ и Кирил Билјановски –„да отуѓува, става под хипотека и на друг начин да располага со недвижен имот.“ Притоа определил дека мерката ќе трае најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд...“
По ова Врховниот суд наведува дека –„Со побиваното решение судот ја укинал претходно определената привремена мерка -Замрзнување на парични средства во износ од 178.370.320.00 денари како непосредна имотна корист прибавена од кривично дело...и определил нови привремени мерки кои одбраната ги предложила иако согласно важечките законски одредби таква можност немала.“

Како што е познато, на 6 мај лани, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против седум лица кои незаконски му овозможиле екстра заработка од 178.370.320 денари на фирмата „РУД-КОП“ Битола за ископ на јаловина во рудникот Брод-Гнеотино на РЕК „Битола“.
Битолското јавно обвинителство поднесе обвинение против седум лица осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело злоупотреба на службена положба така што презеле дејства со кои го оштетиле буџетот на АД ЕСМ – подружница РЕК „Битола“. Обвинение е поднесено и за три службени лица од Бирото за јавни набавки како соизвршители во кривичното дело. Од обвинетите за злоупотреби, тројца се службени лица – членови на Стручната комисија со овластување да извршат евалуација на понудите на јавна набавка.
„Обвинетиот директор на РЕК ‘Битола’ го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда содржан во Извештајот на Комисијата за спроведување на јавната набавка иако бил спротивен на одредбите од Законот за јавни набавки и на 3 октомври 2022 склучил договор за ископ на инвестициска откривка во Рудникот ‘Брод Гнеотино’ со ‘РУД-КОП’ увоз-извоз ДООЕЛ Битола во износ од 708.000.000 денари со ДДВ. Потоа, во септември 2023 година, директорот склучил и анекс кон договорот со кој вредноста на јавната набавка ја зголемил за дополнителни 20 проценти односно за 120.000.000 денари, со што исто така постапил спротивно на Законот за јавните набавки, бидејќи претходно не извршил дополнителна анализа на исплатливост и не ги дообезбедил потребните парични средства кои според законските одредби требало да бидат обезбедени во целост пред склучување на договорот“, обрзложија тогаш од ОЈО Битола.

За овој случај во тек е судска постапка во Основен суд Битола, започна во есента кај кривичниот судија Горан Димовски, а следното рочиште е во април.
Анета Блажевска
