
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) привремено ја затвори кујната во Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) „Битола“ откако работници во комбинатот вчера се пожалиле на стомачни тегоби. Тегобите ги пријавиле откако јаделе лазања со сос во мензата на комбинатот. На Инфективното одделение на Клиничката болница во Битола вчера до 15 часот на преглед се јавиле 81 работник, а ноќеска и претпладнево лекарска помош побарале уште 30 лица.
По пријавата на случајот, во кујната на РЕК „Битола“ вчера е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, ДСЗИ, Центарот за јавно здравје Битола и Институтот за јавно здравје Скопје, при што се земени мостри од храна и брисеви од работни површини, како и од вработени во кујната. - Кујната на операторот со храна е времено затворена, односно дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата сè до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви. Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица“,соопштија од АХВ.
