2win800x200

Ученици од СОУ„Таки Даскало“ Битола со четири награди на јубилејното „Образовно рандеву“ во Богданци

Април 29, 2026

Учениците од СОУ „Таки Даскало“ од Битола постигнаа извонреден успех на јубилејното 20-то издание на МАССУМ „Образовно рандеву 2026“, што се одржа на 23 и 24 април во Богданци. Со својата креативност, знаење и тимски дух, битолските средношколци уште еднаш докажаа дека се на самиот врв на млади таленти во државата.

Настанот, кој ја прослави 20-годишнината од постоењето на МАССУМ, прерасна во вистински празник на младоста и иновациите. Учениците од „Таки Даскало“ го претставија своето училиште низ широк спектар на натпреварувачки дисциплини, враќајќи се дома со четири награди.

Жирито беше импресионирано од проектите на битолскиот тим, па така наградите отидоа во рацете на:

  • Марија Котевска – Втора награда за Најдобра карикатура (ментор: Буба Мешкова Солак);
  • Мелиса Исова – Втора награда за Најдобар бенд и соло-изведувач (ментор: Христиан Петковиќ);
  • Христина Сервини – Втора награда за Кариерно портфолио (ментор: Валентина Ацевска);
  • Екипата на училиштето составена од Јаков Калајџиевски и Христијан Наумовски – Втора награда за Најдобар штанд (ментори: Валентина Богојовска, Валентина Маневска и Христиан Петковиќ).

Учениците се претставија на иновативен штанд

„Зад него стоеше макотрпна работа на цел тим професори и ученици кои креираа уникатни содржини: од едукативната игра „Едуполи“ и изложбената витрина со минерали, до уметничките букмаркери со сонети на Шекспир и рачно изработените текстилни производи (брошеви, футроли и торби). Посебен придонес имаше и тимот кој изработи информативен билтен за училиштето, со што на посетителите им беше доближен целиот образовен капацитет на СОУ „Таки Даскало“, изјавија од битолската Гимназија.

 

Покрај наградените ученици, се претставија и учениците Ана Марија Каранфиловска и Андреј Јошев (драмска претстава, ментор: Валентина Богојовска), Мартина Каровска (карикатура, ментор: Буба Мешкова Солак), Јана Темелкова (поетска творба, ментор: Весна А. Трајковска), Никола Попчановски (интервју за работа, ментор: Валентина Маневска) и Симона Макриевска и Ана Ноческа (фотографија, ментор Љубица-Мешкова Солак).

Координаторот на проектот, Валентина Маневска, заедно со тимот ментори, изразија огромно задоволство од постигнатиот успех.
„Ова искуство е доказ дека СОУ „Таки Даскало“ е место каде талентите стануваат идни успеси. Горди сме на нашите ученици, кои со својата енергија и тимска работа се пример за тоа што може да се постигне со љубов кон науката и уметноста,“ истакнаа од училишниот тим.

Со овој успех, битолските средношколци остануваат инспирирани за нови предизвици, докажувајќи дека границата за нивниот потенцијал–едноставно не постои.

3

thumbnail 1

thumbnail 2

thumbnail 3

2

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани