
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На 28 април 2026 година, во Јуроп хаус Битола, се одржа настанот „Кафе со амбасадори“. Настанот е серија на модерирани дебати што се организираат низ мрежата на Јуроп хаус, со цел да се поттикне отворен и суштински дијалог помеѓу амбасадори од земјите членки на Европската Унија и луѓето.

Во пријатна и отворена атмосфера, дебатата ги обедини претставниците на Австрија и Полска во отворена и интерактивна дискусија на тема „Човекови права, култура, различност и идентитет“. На средбата учествуваа амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, и заменик шефицата на мисијата на Република Полска, Ана Каспржак, кои преку свои искуства и перспективи дадоа значаен придонес кон разбирањето на овие клучни општествени прашања и со искреност и отвореност ја приближија сложеноста на овие прашања до публиката.

Во делот посветен на човековите права, беше нагласено дека и Австрија и Полска имаат комплексни историски искуства со различни малцински заедници, но членството во Европската Унија значително придонело кон унапредување на нивната видливост. Австрија беше посочена како пример за институционализиран пристап, со уставно признаени национални малцинства, што овозможува конкретна и секојдневна заштита на нивните права, јазик и културен идентитет. Од друга страна, Полска помина низ процес на повторно препознавање и прифаќање на малцинските идентитети, a европската рамка придонела кон поголема инклузивност.
Дискусијата се осврна и на прашањата за миграцијата и новите облици на различност, додека во сегментот за идентитет, беше истакнато дека историските патишта на двете земји силно влијаеле врз начинот на кој граѓаните го доживуваат својот национален и европски идентитет. Беше потенцирано дека кај младите генерации сè почесто се среќава чувство на двојна припадност, и национална и европска, што не претставува контрадикција, туку предност во современиот свет.

Културата и културната размена беа препознаени како клучни двигатели на европската поврзаност. Двете земји ја искористиле својата богата културна традиција и современа уметничка сцена за да изградат силно меѓународно присуство, при што членството во ЕУ овозможило поголема мобилност, видливост и соработка. Австрија успешно балансира помеѓу својата култура и поддршката на современи и алтернативни културни изрази, додека Полска преку инвестиции во културна дипломатија, филм, литература и дизајн, значително го проширила своето глобално влијание.
Во дискусијата беше отворено и прашањето за одливот на мозоци и културната ерозија. Учесниците посочија дека слободата на движење во ЕУ, иако носи бројни придобивки, има и предизвици, особено за помалите или економски послаби земји. Во однос на европските вредности, беше нагласено дека тие не се ограничуваат само на институции и политики, туку се рефлектираат и во секојдневниот живот, во начинот на донесување одлуки, односот кон другите и функционирањето на општеството во целина.

Настанот беше заокружен со пораки насочени кон европската иднина на нашата земја. Говорниците упатија искрени и охрабрувачки пораки, истакнувајќи дека процесот на европска интеграција носи реални и видливи придобивки за граѓаните, особено во областите на идентитет, различност, култура и мобилност, и дека токму тие промени се најзначајни за секојдневниот живот.
Оваа иницијатива ги спојува различните национални искуства, каде напредокот се темели на соработка, стабилност и размена на знаења. Ваквиот настан создава простор за размена на практични искуства од земјите членки, нивното членство во ЕУ, како и нивната соработка и поддршка кај нас.


