2win800x200

"Молчењето не штити никого" - Фатма Бајрам Аземовска со осуда за убиството на жената во Битола

Мај 14, 2026

Новиот фемицид во Битола е уште еден аларм за институциите, реагира граѓанската активистка Фатма Бајрам Аземовска по убиството на жена во Битола.

 Реакцијата ви ја пренесуваме во целост 
"Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ најостро го осудува новиот случај на фемицид што се случи во Битола, во кој животот го загуби 31-годишна жена како последица на семејно насилство.
 
Овој трагичен настан претставува уште едно сериозно предупредување дека насилството врз жените не смее да се третира како изолиран проблем, туку како длабок општествен и институционален предизвик што бара итен, координиран и одлучен одговор.
 
Загрижува фактот што бројот на случаи на семејно и родово базирано насилство, како и фемициди, е во постојан пораст. И покрај постоењето на законски механизми и стратегии за заштита, во практика сè уште недостасуваат навремена проценка на ризик, ефикасна превенција и соодветна институционална реакција.
 
Како организација која континуирано работи на превенција на насилство и соработка со институциите, вклучително и со Одделението за превенција при МВР Битола, сметаме дека е неопходно значително зајакнување на системот за заштита на жртвите, подобра меѓуинституционална координација и поголеми инвестиции во превентивни програми и поддршка за семејствата.
 
Бараме темелна, брза и транспарентна истрага за случајот, како и утврдување на евентуални претходни сознанија или пријави за насилство. Доколку постоеле институционални пропусти, очекуваме одговорност согласно законските надлежности.
 
Дополнително, неопходни се:
▪️ поголеми инвестиции во специјализирани сервиси за жртви на насилство
▪️ зајакнување на професионалните капацитети во МВР и центрите за социјална работа
▪️ континуирана едукација и превентивни програми за деца и млади
▪️ системски мерки за спречување на насилството во семејството и заедницата
 
Животот на жените и децата не смее да завршува како статистика. Потребни се конкретни мерки, навремена заштита и институции кои ќе реагираат пред да биде предоцна.
 
Молчењето не штити никого, пишува Фатма Бајрам Аземовска од граѓанската организација Сумнал 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани