АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вечерва во 20.00 часот во Интимен театар-Битола ќе се одржи премиерата на документарната театарска претстава „Жени“, што е изработена по текстови на жени болни од рак.
Премиерата е веќе распродадена, додека втората изведба е на 30-ти август, петок во 20.00 часот, а третата во 1-ви септември, недела во 20.00 часот.
Од 2014та година, во Хотел Театар, Битола, функционира здружението за поддршка на жени болни од рак – ОДРАЗ, во чиишто рамки до денес учествувале над педесетина жени болни од рак, коишто ја преживеале болеста или сеуште се борат со неа.
Состаноците на групата ги водат психијатар и доктор на науки Гордана Ристевска Димитровска и психолог Билјана Атанасовска Видановиќ.
Во 2017та година, во Интимен Театар, Битола, по идеја на режисерката Софија Ристевска Петрушева, започна иницијатива за создавање на театарска претстава, во којашто ќе учествуваат, ќе глумат, жени од групата, зборувајќи за болеста и за нивната битка со неа. Ова лето конечно се реализира конкретниот проект – театарска претстава, којашто се создаде по документарни текстови од самите жени.
Во претставата учествуваат Невена Стерјевска, Катерина Петровска и Трендафилка Киклевска кои ја споделуваат својата борба со ракот на дојка, и ракот на матка, како и Зорица Цибалевска, којашто минатата година ја изгуби својата мајка Летка Андреевска, којашто беше голем поборник за создавање на уметност, како начин за борба против депресијата кај болните од рак. Основна цел е со овој проект да се подигне свеста за редовни прегледи, што би довело до брзо дијагностицирање на ракот, со што би се намалила огромната бројка на заболени од рак, посебно во Пелагонискиот регион.
Претставата е финансирана од Општина Битола и Бит Фест ’19.