2win800x200

Средношколецот Антим Атанасоски-најуспешна млада поетска искра на фестивалот „Литературни искри 2020“-Гостивар

Мај 24, 2020

 

Антим Атанасоски, ученик во прва година, во билингвалната македонско-англиска паралелка при СОУ „Таки Даскало“-Битола е избран за најуспешна млада поетска искра за 2020 година на фестивалот „Литературни искри 2020“-Гостивар.

-Со пишување се занимавам откако ги научив буквите. Инспирацијата за поезијата и прозата е насекаде околу мене, но често одговарам и на темите кои ги задаваат манифестациите.

Сум учествувал и наградуван сум на училишни, општински и државни конкурси како 51. Детски Рацинови средби, наградниот конкурс по повод 1100 години од смртта на Св. Климент Охридски и одбележувањето на светскиот ден на учетелот во организација на Педагошки Факултет-Битола, проектот „Сликај, постирај, алармирај!“ на Геосфера-Битола, литературниот конкурс ,,Животот е премиера, за него не постои реприза“, литературниот конкурс ,,Природата е наш мир“,  конкурсот,,Словенскиот свет низ детските очи“ во организација на Центарот на словенските култури и руската амбасада, проектот ,,Млади поетски перфоманси“ (2018 и 2019 година) и други конкурси низ државата-изјави младиот поет Антим.

Атанасоски е ретко талентиран ученик. Ова се негови први јавни чекори во уметничката поезија, вели неговиот ментор.

-Особено ме радува што ваквите талентирани ученици се забележани и наградени. Тоа ветува многу за неговото идно творење во уметничката литература. Како негов ментор будно ќе го следам и со задоволство ќе го насочувам во светот на уметничкиот збор. Од срце му посакувам големи успеси, ни изјави Весна Здравковски Трајковска, професор по македонски јазик и литература и ментор на наградениот ученик.

Ова е негово прво учество на фестивалот „Литературни искри 2020“-Гостивар, кој има меѓународен карактер и се одржува седма година по ред. Учестуваа поети од државата и регионот во категории до 18 и над 18 години, од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија и Босна и Херцеговина.  Во конкуренција од 175 поети беше избран за најуспешна млада поетска искра за 2020 година. Жири комисијата беше составена од еминентни имиња како Бранко Цветковски, Весна Ацевска и Габриела Петроска. Координаторот на манифестацијата Слаѓана Брезовска, онлајн успешно ја спроведе презентацијата на поетските творби за која претходно наградените поети имаа снимено видеа. Деновиве излезе од печат поетската збирка на авторите учесници на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри “.

-Ќе продолжам да пишувам, фотографирам и да го проучувам светот на филмот и театарот, да ја ценам слободата и да бидам хроничар на чувствата и  глобалните случувања-ни рече на крајот Антим.

Во продолжение ја објавуваме наградната песна.

 

Тајна

 

Ако не кажам никому

дека џебовите од моите панталони

се преполни со ѕвезди за тебе

тајна е?

Ако не кажам

дека душава се пласти во бранови

како прашинава на креденецов

тајна е?

Ако не кажам дека

изгорениве дланки

избегале од месечевата прегратка

тајна е?

Ако не кажам

дека извалканава светлина е сенка

од минатото што ме прогонува

тајна е?

Ако не кажам

за избеганиве стихови

во твоите рајски дворови

тајна е?

Ако не кажам

за криенката со сопственото постоење

тајна е?

Ако не кажам,

а кому да речам,

а да не го зазборувам залудно?

Ако не кажам

за стравот

да излажам за вистината?

Ако не кажам

за лудоста

да ја претркам обичноста?

Ако не го одврзам клопчето

никој нема да дознае

каде е центарот на светот???

100564759 2719270411649882 15673606973423616 o

                                                                             

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани