2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

78 години од бесењето на Ѓорѓи Наумов, Блаже Рогозинаро и Кочо Десано

Јули 21, 2020

Денес се навршуваат 78 години од смртта  на Ѓорѓи Наумов, Блаже Рогозинаро и Кочо Десано, кои од бугарскиот фашистички окупатор биле осудени на смрт со бесење, а пресудите биле извршени на 21 јули 1942 година  во Скопскиот затвор

 
 

 

на 21 јули во 1942 година во Скопје од бугарските фашистички окупатори е осуден на смрт и обесен Ѓорѓи Василев НАУМОВ. Тој бил истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден бил во Битола на 18 јануари 1916 г. Потекнувал од земјоделско семејство од селото Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија, кое по Првата балканска војна се доселило во Битола. Бил брат на народниот херој Стеван Наумов-Стив. Работел како шофер и бил вклучен во разни активности на работничкото движење во Битола од пред Втората светска војна. Од 1941 година станал член на Комунистичката партија на Југославија. Заедно со својот брат Стив Наумов мошне рано се пројавил како организатор на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битола. Кога битолската партиска организација започнала подготовки за формирање на партизански одред, бил еден од активистите кои најмногу биле ангажирани на таквата задача. На 12 април 1942 г. се префрлил во Лавчанската корија каде бил организиран во партизански логор. Откако пристигнале сите доброволци, на 22 април 1942 г. бил формиран Првиот битолски партизански одред „Пелистер“, а Ѓорѓи Наумов бил назначен за командант на одредот. Спроти празникот Први мај при извршување на илегални задачи во селото Лавци, Ѓорѓи Наумов бил откриен и заробен од бугарската полиција. На 3 мај 1942 година, Првиот битолски партизански одред „Пелистер“ бил уништен од бугарската војска и полиција. При натамошните испитувања во бугарскиот истражен затворот во Битола, Ѓорѓи Наумов бил подложен на страшна физичка тортура, која храбро ја издржал. Скопскиот воен прек суд со пресуда бр. 228 од 21 јули 1942 г., на смрт со бесење осудил девет комунисти и партизански борци, од кои неколку во отсуство. Осуден на смрт со бесење бил и Ѓорѓи Наумов. Истиот ден пресудата била извршена во скопскиот затвор.

 

 

НА 21 јули во 1942 година во Скопје од бугарските фашистички окупатори е осуден на смрт и обесен Блаже ДИМИТРОВСКИ–Рогозинаро, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е во селото Путурус, Битолско, во 1904 г. Пред Втората светска војна беше печалбар во Франција. Тогаш, најнапред, стана симпатизер на комунистичката идеологија, а потоа и член на Комунистичката партија на Франција. По враќањето во родниот крај ги продолжи своите прокомунистички и македонски национално-ослободителни активности. По бугарската окупација во април 1941 г. неговиот стан во Битола беше местото каде многу често се криеја и престојуваја најистакнатите партиски раководители од градот и околината и местото каде често се одржуваа партиски состаноци. Во април 1942 г. е во борбениот строј на Првиот битолски партизански одред „Пелистер". При откривањето и уништувањето на Одредот беше заробен од бугарската окупаторска војска и полиција на 3 мај 1942 г. Подоцна, на судењето во Битола е осуден на смрт, а казната со бесење беше извршена во Скопскиот затвор на 21 јули 1942 г.

 

 

на 21 јули во 1942 година во Скопје од бугарските фашистички окупатори е осуден на смрт и обесен Кочо ДЕСАНОВ–Десано, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е во Битола во 1920 г. Во синдикалното движење беше вклучен од пред Втората светска војна. По бугарската окупација на Вардарскиот дел на Македонија е примен за член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Во април 1942 г. беше непосредно ангажиран во организирањето, прифаќањето и испраќањето на борците од градот Битола кон партизанскиот логор над битолското село Лавци, каде требаше да биде формиран првиот партизански одред во Битолско. По уништувањето на партизанскиот одред „Пелистер“ тој е откриен и уапсен од бугарската полиција. Бугарскиот окупаторски воен суд го осуди на смртна казна со бесење која веднаш беше реализирана во Скопскиот затвор на 21 јули 1942 г.

 

                                                                                                        подготвил д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани