
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Собранието во рамки на продолжението на 29. седница со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во 2021. За Законот за пописот гласаа и 29 пратеници припадници од помалите етнички заедници. Ова законско решение го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. Расправата за Предлог законот во Собранието заврши на 15 јануари.
Согласно Законот, податоците добиени од пописот на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија во 2021 ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Индивидуалните податоци од пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно закон. Ќе се попишува и резидентното и нерезидентното население.
Личните податоци добиени со пописот подлежат на заштита согласно одредбите од овој закон, Законот за државната статистика и прописите од областа на заштита на личните податоци.
Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот.