На денешен ден, 17 април 2004 година
Почина ФАНА КОЧОВСКА-ЦВЕТКОВИЌ, припадник на македонсклото националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката и антиокупаторска војна во Вардарскиот дел на Македонија, најмлад народен херој во цела некогашна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Родена била во селото Лавци, Битолско, на 27 јули 1927 година.
Со неполни петнаесет години во 1941 г. била активен припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење, односно била младинска активистка и член на југословенската комунистичка младинска организација СКОЈ. Од крајот на 1941 година преминала во илегалство. Учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија била од ноември 1942 година кога станала борец во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“.
Подоцна станала младински раководител во Баталјонот „Стив Наумов“ и со него учествувала во славниот Февруарски поход. Во време на Пролетната офанзива во борбите околу Злетово била ранета. Се борела против бугарско-германските окупатори и во составот на Третата и Седмата народноослободителна ударна бригада и била член на Главниот одбор на младинската организација на Македонија.
По ослободувањето на земјата од фашистичките окупатори вршела високи општествени и државни функции. Меѓу останатото била иницијатор и организатор на младинската културно-просветна манифестација „Курирче“. Неколкупати била избирана за пратеник на Народните собраниа на Македонија и Југославија. Била член на Обласниот комитет на Младинсклата организација во Битола, била член на Централниот комите на Народната младина на Македонија, претседател на секцијата на жените-задругари на Македонија. Била и член на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија и Југославија, член на постојаниот дел на Конференцијата на Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ), а на Десетиот конгрес на СКЈ била избрана за член на Централниот комитет на СКЈ.
Била носител на „Партизанска споменица 1941“. Била прогласена за Народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година. Починала во Скопје
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар