2win800x200

На денешен ден загинаа 6 борци на партизанскиот одред "Пелистер"

Мај 03, 2021

На денешен ден, 3 мај 1942 година, над село Ореово, Битолско, загинаа народниот херој Елпида Караманди, која била тешко ранета, заробена и набрзо свирепо убиена, Димитар Николовски-Таќи Даскало, Димче Хаџи Поповски, Мара Јосифовска-Ѓурѓа, Ордан Михајловски-Оцката и Ордан Орданоски-Сандански. Сите биле борци на БИТОЛСКИОТ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД „ПЕЛИСТЕР“.

Оваа единица на НОВ и ПО на Македонија била формирана на 22 април 1942 г. од 19 борци. Откако Партизанскиот одред преку предавство бил лоциран од бугарската војска и полиција на 2 мај 1942 г., а наредниот ден бил опкружен и разбиен. Освен загинатите партизани, заробени биле и борците Ѓорѓи Наумов, Кочо Десано и Блаже Димитровски, кои биле одведени во скопскиот затвор и таму подоцна биле обесени. Останатите партизани од Одредот успеале да се спасат и во наредниот период илегално дејствувале во Битола и низ Македонија.

 
Елпида (Пида) Ставрева  КАРАМАНДИ (псевд. Бисера и Нада), припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење, учесник во антифашистичката борба во Вардарскиот дел на Македонија. Родена во Лерин, Егејски дел на Македонија, на 1 јануари 1920 година. Од раното детство живеела во Битола, каде што завршила гимназија. Како студент од 1938 година била учесник во македонското студентско движење на Белградскиот универзитет. Како член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ од 1939 година и на КПЈ од јуни 1941 г., била организатор на женската младина во комунистичкото движење и во Националноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ). Извесен период била ангажирана во партиската техника на Месниот комитет на КПЈ во Битола. По апсењето од бугарската полиција, поради немање  докази, била ослободена. За да го избегне натамошното полициско проследување, преминала во илегалство. Наскоро, во јануари 1942 година, била избрана за член на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија и заминала како борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред  „Пелистер“. Во борбата на одредот кај Лавчанската Корија (над село Лавци, Битолско), на 3 мај 1942 г., против бугарската војска и полиција била тешко ранета и заробена, по што ја влечеле врзана за запрежна кола по битолските села за да го заплашат населението. Во такви околности и починала. Уште во истата година била објавена првата народна песна во знак на признание кон нејзиниот лик и дело, зашто "Нада студентката за народ загина, за народ загина–за Македонија." (Старите револуционерни песни со ново содржание, „Билтен“ на Битолската организација на КПЈ, бр. 21, Битола, 7 декември 1942). Опеана била и во познатата народна песна  „Таму ле, мајко, близу Битола" од 1950 година и во други народни и авторски песни. Прогласена била за народен херој на Југославија на 11 октомври 1951 година.
 
Димче ХАЏИ ПОПОВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење, учесник во антифашистичката борба во Вардарскиот дел на Македонија.  Роден бил во селото Буф, Леринско, Егејски дел на Македонија во 1921 година. По професија бил адвокатски писар. Бил член на КПЈ. По окупацијата бил регрутиран во бугарската армија, од каде дошол во отсуство во месец април 1942 година и не се вратил назад, туку божем заминува на отслужување на воениот рок, на првата станица, со уште двајца другари, скокнал и се поврзале со Кочо Десано, за по еден ден сите да се префрлат во партизанскиот одред „Пелистер". Познавајќи ја воената обука, тој ги подготвувал своите другари за ракување со оружје. Загинал во нерамната борба, против бугарската окупаторска полиција на 3 мај 1942 г.
 
Димитар НИКОЛОВСКИ-Таки Даскалот, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење, учесник во антифашистичката борба во Вардарскиот дел на Македонија, учител. Роден бил во Битола, во 1921 година. Најпрво, се школувал во Битола, а потоа учел учителска школа во Скопје, Цетиње и Алексинац. По капитулацијата на Југославија се вклучил во организирањето и водењето на Националноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ. Бил еден од организаторите на Илинденските демонстраци во Битола на 2 август 1941 г. Бил еден од најактивните членови на Комунистичката партија во Битола и Битолско и учествувал во формирањето на Првиот битолски партизански одред „Пелистер“ кај селото Лавци во април 1942 г. Во него бил избран за политички комесар со партизанско име „Шумски“. Загинал во нерамната борба, против бугарската окупаторска полиција на 3 мај 1942 г. Неговото загинување било опеано во народните песни.
 
Ордан МИХАЈЛОСКИ-Оцка, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење, учесник во антифашистичката борба во Вардарскиот дел на Македонија, хроничар, музичар и поет. Роден бил во Прилеп на 23 септември 1921 година. Бил голем музички талент, раководел со младинскиот музички оркестар во родниот град. Пишувал лирски и патриотски песни. Веднаш по бугарската фашистичка окупација бил еден од ретките кои бестрашно и отворено им се противставувал на младинските профашистички организации. Бил еден од првите излезени партизани во Прилеп, односно бил борец во Првиот прилепски партизански одред од првиот ден на неговото формирање. Оставил записи за неговота акција кај селото Царевиќ, со што станал прв хроничар на борбениот пат на Одредот. Освен тоа, константно запишувал стари македонски народни песни, бележел подзаборавени архаични македонски зборови. Бил автор на музиката за популарната револуционерна песна „А бре, Македонче, каде се спремаш, борба те чека, борба за слобода!“, испеана веднаш по првата акција на Одредот. По расформирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ дејствувал илегално во селото Лавци, Битолско. По формирањето на првиот Битолски партизански одред „Пелистер“, бил член на раководството задолжен за агитација и пропаганда. Загинал во борба против окупаторската бугарска војска и полиција на 3 мај 1942 г.
 
Јоска ОРДАНОСКИ-Сандански, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден бил во селото Лениште, Прилепско, на 7 април 1921 година. По завршувањето на основното училиште станал работник во бакалски дуќан. Од 1940 г. станал член на Месниот комитет на комунистичката младинска организација СКОЈ во Прилеп. Кон крајот на 1940 г. од српската окупаторска власт бил интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица. Бил еден од седумтемина први излезени партизани во Прилеп и заменик политички комесар во Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. По расформирањето на одредот илегално дејствувал во Битола и Битолско, а загинал на 3 мај 1942 г. во борба против окупаторската бугарска војска и полиција.
 
Мара Јосифоска-Ѓурѓа, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Родена била во Прилеп во 1920 г. Под влијание на своите браќа Кузман Јосифоски-Питу и Аспарух Јосифоски, во прогресивното движење била од пред Врората светска војна. Работела како организатор на активот на напредните жени во Прилеп и учествувала во Илинденските демонстрации во 1940 г. Била во составот на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и учествувала во сите негови акции против окупаторот и неговите домашни соработници. По расформирањето на одредот „Гоце Делчев“ дејствувала илегално во селото Лавци, Битолско, а по формирањето на првиот Битолски партизански одред „Пелистер“ била борец во истиот. Загинала на 3 мај 1942 г. во борба против окупаторската бугарска војска и полиција.  
 
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани