АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во РСМ, почесниот конзулат на Руската Федерација во Битола и со поддршка од Општина Битола, се одржа Вечер на руска музика во Заводот и музеј во Битола, посветена на Петар Илич Чајковски и Сергеј Рахмањинов. На концертот присуствуваа и градоначалничката Наташа Петровска и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.
„И овој настан е дополнување на културните настани кои што се случуваат во градот во изминатите две недели. Концертот е за мене значаен затоа што во ова врнежливо време, само музиката е таа која што може да нè згрее и да ни даде позитивна енергија во нашите души. Особено ми е значајно, што токму оваа вечер уште еднаш ќе покажеме дека сплотеноста која што секогаш постоела помеѓу словенските народи се потврдува, затоа и искажувам голема благодарност за целокупната поддршка од страна на амбасадорот и сите соработници од амбасадата“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
„Настани како овој вечерва ни овозможуваат да ја запознаеме најбогатата култура и традиција на Русија. Придонесуваат за зајакнување на меѓусебното разбирање и соработка, како и натамошно зближување на нашите народи. Делата на Чајковски и Рахмањинов прозвучија и на отворањето на деновите на Рускиот јазик и култура во Скопје. Се разбира, нивните дела се изведуваат и на главната музичка сцена во земјата, но и во светот“, истакна амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин.
Како дел од здружението Арс Ад Астра, на концертот настапија Маја Божиновска и Горјана Стојановска, изведувајќи ја балетската свита „Заспаната убавица“ од Чајковски за четирирачно пијано. Исто така, со Шест пиеси за четири раце пред публиката се претставија Татјана Божиновска и Билјана Димовска. Беше даден и краток осврт кон животот и делата на Чајковски и Рахмањинов, од страна на Горјана Стојановска.