2win800x200

На денешен ден почина Вангел Чукалевски, учесник во НОБ

Јануари 08, 2022

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 8 ЈАНУАРИ, 

Во 1983 година во Белград, Србија, почина Вангел ЧУКАЛЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, воен пилот.
 
Роден бил во Битола на 20 јануари 1910 г. Во предвоениот период бил пилот, со чин капетан во бившата Југословенска војска.
 
Во време на бугарската окупација на Битола го помагал антиокупаторското движење, бил организатор и член на градскиот НОО, а во почетокот на 1944 г. се приклучил на партизанските единици. Во 1944 г. станал член на КПМ и командант на Четвртата оперативна зона на НОВ и ПОМ.
 
Бил командант на Првата македонска НОУБ од денот на нејзиното формирање 8 јуни 1944 г., па се до 25 септември 1944 г. Унапреден во чин мајор на НОВ и ПОМ на 1 јули 1944 г. и станал прв помошник на началникот на Главниот штаб (ГШ) на НОВ и ПОМ од 25 септември 1944 г. Бил избран за делегат на Второто заседание на АВНОЈ и учесник на Првото заседание на АСНОМ.
 
Бил одликуван од Врховниот штаб (ВШ) на НОВ и ПОЈ со Орден партизанска yвезда во октомври 1944 г. и на 1 декември 1944 г. бил унапреден во чин потполковник на Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ).
 
По целосното ослободување на земјата од фашистичките окупатори ги стекнал највисоките офицерски чинови на Југословенската народна армија (ЈНА) и во нејзини рамки вршел разни одговорни должности.
 
 
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани