АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Како што водите се вкрстуваат и мешаат во утробата на земјата, така и потегот на уметниците се меша на овие две колонии и заедничката енергија. Токму мисла на познатиот македонски рецитатор Антонио Павловски ја отсликува симболиката на збратимувањето на двете ликовни колонии „Де Ниро“ од Битола, која годинава се одржува во село Цапари и „Арт Поинт Гумно“ од Слоештица. Повелбите за збратимување беа потпишани деновиве во Цапари каде по 16 пат се одржува колонијата „Де Ниро“.
„Во моето сеќавање Слоештица како центар на уметноста за нашиот крај, ми носи мемориски сеќавања како село на вода. Не залудно човекот од Демир Хисар рекол дека Слоештица е нашата демирхисарска Венеција, каде што секоја куќа има своја река или поток. Исконски се имињата на нашите води. Блаже Конески вели дека етимологијата на Пелистер доаѓа од бели стени, а Цапарска Река извира од белите стени и заедно со нашата Црна Река го наоѓаат својот заеднички пат. Така и нашите имиња од под Црвиот Врв извира Бела Река која го храни селото Слоетштица, па се влева во Црна Река, па преку Вардар заедно завршуваат во Белото Море. Зарем не е тоа фантастична игра на зборовите како играта на потегот на четките на нашите уметници“, рече Павловски.
Повелбите за збратимување ги потпишаа Драги Филевски и Ирена Андреевска.
„Како сеќавање на тој свечен момент уметниците потпишаа или насликаа нешто, секој на по еден камен кој ќе остане во спомен на уметничкиот центар во Цапари“, рече Драги Филевски, организатор на колонијата „Де Ниро“.
Колонијата „Арт Поинт Гумно“ е од Слоештица, родното село на Петре М. Андреевски, а збратимувањето на колониите се одржа токму на 14 годишнината од смртта на македонскиот великан на пишаниот збор. Со тоа се даде заедничка нишка на ликовната и пишаната уметност.
„Како што водите се поврзани во светот така и ние сме поврзани, двете колонии и долго време соработуваме, така што ова е само симболично поврзување и потпишување, официјално буквално ние сме како една колонија според соработката иако имаме независни политики“, рече Сергеј Андреевски од Арт Поинт Гумно.
Инаку колонијата „Де Ниро“ годинава се одржува во село Цапари каде семејството Филевски изгради уметнички центар токму за оваа намена.
„16 колонија по ред единствена е по неколку моменти, за првпат ја одржуваме заедно со уште една многу значајна колонија ‘Арт Поинт Гумно’ од Слоештица. За првпат е тоа што планираме да се вклопиме во светскиот процес на заштита на природната средина. Имаме и еко ден. За мене посебно важно што оваа година се одржува во амбиент во село Цапари , наменски објект единствен затоа што сум бил на педесетина други колонии во други земји, но никаде толку наменски објект не сум видел“, реќе Панде Петровски, координатор на колонијата.
Во село Цапари од 25 до 30 септември гостуваат уметниците: Елена Ѓоргиевска, Симонида Филипова Китановска , Жарко Башески, Стефан Малбашиќ, Сашо Н. Алушевски, Симона Мирчевска и Вацлав Лукич . Почесен гостин беше Беди Ибрахим.
На уметничкото гумно во с. Слоештица од 25 септември до 5 октомври гостуваат уметниците: Дијана Томиќ – Радевска, Пандора и Сашо Саздовски, Филип Велковски, Горан Ристовски и Кети Талевска.