2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Со гласови на пратениците на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието денеска ја усвои потребата од носење на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, со европско знаменце, со кои се воведува финансирање на државни кампањи на телевизиите со пари од државниот буџет. „За“ гласаа 78 пратеници, а „против“ беа двајцата пратеници на Левица и немаше „воздржани“.

 

Според предложените законски измени, кои најверојатно брзо ќе поминат во Собранието, ќе има државни кампањи на државно и локално ниво. За кампањите на државно ниво со законските измени се предвидува да се трошат 0,1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на државниот буџет, додека за кампањите на локално ниво таа бројка изнесува 0,5% од даночните приходи на општините и Град Скопје.

 

Според податоците на Министерството за финансии за последната завршна сметка, даночните приходи во државниот буџет во 2022 година изнесувале 2,3 милијарди евра, па 0,1% е 2,3 милиони евра. На оваа сума ќе се надополнат пари од буџетите на општините и Град Скопје.

Собранието во 2017 година, на предлог на претходната влада на чело со премиерот Зоран Заев, со посебен член го укина владиното рекламирање во медиумите баш поради искуството што го остави претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ со корупцијата со јавни пари и поради контролата во уредувачката политика. Власта на Никола Груевски за владино рекламирање потроши 38 милиони евра од 2008 до 2015, при што главнината одеа за „Сител“ и „Канал 5“. И сега, најголем дел од парите за државни кампањи ќе одат кај телевизиите со национална концесија.

Во образложението на предложените законски измени, државните кампањи ќе се емитуваат „со цел на поголемо подигнување на јавната свест“.

Извор СДК.МК (https://sdk.mk/ )

Фамозниот член 102 или тивкиот убиец на регионалните и локални медиуми! Токму со овој член кога СДСМ дојде на власт се забрани рекламирањето во медиумите на Владата, јавните претпријатија и сите државни установи. И тоа беше со право, бидејќи сите знаеме колку пари за време на ВМРО-ДПМНЕ се переа и се фрлаа по медиумите и како после тоа беше известувањето и што се случуваше. Мораше некако да се регулира тоа.

Но 5 години потоа овој член 102 ги уништи токму најмалите, односно регионалните и локалните медиуми. Оние големите си продолжија да си бидат дил ориентед, така што да не се лажеме дека преку разни други канали не продолжија да си се финансираат, на ваков или таков начин.
 
Малите медиуми, кои егзистираат во средините надвор од Скопје, преживуваат од ден за ден и се оставени да се финансираат од локалниот бизнис сектор. Односно оставени се на милост и немилост и питачење по приватните компании и разно разни локални моќници кои им потфрлаат по некој денар. Жива мизерија!
 
Наместо кога ќе тропнеме на маса да се тресат општините и сите околу нас, локалните медиуми се доведени до питачки стап и секој чека само да го стават клучот на врата бидејќи слободни и независни медиуми не му се потребни на никого. Си ги имаат тие нивните профили на социјалните мрежи и партиските порталчиња.
 
Е сега да се вратиме на член 102. Во последно време има некоја иницијатива да се олабават овие мерки, па ЗНМ и други организации веднаш излегоа со став дека се против тоа, бидејќи повторно ќе се вратела контролата врз медиумите.
 
Како прво тоа не е точно. Ако парите од некоја кампања се поделат по сите локални медиуми во некој град, според одреден критериум, тоа не е поткуп. Оти сто пати имам напишано, тоа не се пари на партиите или на градоначалникот. Тоа се народни пари, што народот плаќа данок и граѓаните заслужуваат објективно, навремено и точно информирање. И во краен случај тоа воопшто нема да бидат астрономски суми како во минатото, туку ситни пари за објава на соопштенија и други огласи. И никој нема да може да поткупи медиум ако тие пари и онака му следуваат на медиумот.
 
Па би го запрашал ЗНМ и другите, ако сметаат дека ова ќе биде поткуп, зошто досега и покрај сите укажувања дека ќе затвориме не најдовте решение во овие 5-6 години како да им се помогне на локалните и регионални медиуми. Лесно ви е вас да функционирате со проекти од стотици илјади евра финансирани од странски амбасади, ЕУ, САД, и други донатори. Но локалните медиуми ниту се невладини организации, ниту знаат да пишуваат проекти. Ние сме медиуми! Токму затоа треба да ни помогме пред се нашата држава. А за проекти од странски донатори ајде помогнете ни Вие, зошто функционирате како здруженија воопшто ако за ништо ни немате помогнато!
 
Токму затоа под итно е потребно формирање на одреден Фонд за помош на локалните и регионални медиуми. Медиуми кои се занимаваат со секојдневните проблеми на малиот човек, оние проблеми кои немаат можност да дојдат на националните медиуми, оти нели тие се резервирани само за Таче, Мицко, ВМРО и СДСМ друго и нема.
Затоа ЗНМ малку повеќе да се позанимава и тоа под итно со новинарите надвор од Скопје, да се види како тие живеат, од што егзистираат, а не само да се прават проектчиња од еден тон пари, од кој никој не видел аир освен тие шо се вклучени во него.
 
Значи или измена на член 102 и изземање на некаков начин од него на локалните и регионални медиуми или најдете друго решение под итно. Не смее да се дозволи затворање на медиумите!
 
Дарко Штарговски, новинар 

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани