АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во времето кога Османлиите го освоиле градот Битола, најревносните проповедници и чувари на верата, претежно млади монаси со неколку опитни старци, заедно триесет и девет на број, од повеќе битолски манастири и скитови, кои по Божја промисла ги преживеале страшните настани, се повлекле во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“.
Но, Османлиите откриле каде се кријат овие монаси и ги заробиле. Најпрвин жестоко ги мачеле, потоа ги фрлиле во зандана, а утредента, доведувајќи им ги најдобрите мухамедански учители, започнале ласкаво да им се додворуваат и да ги убедуваат да се откажат од Христос. Започнала препирка за тоа која вера е вистинската, при што монасите мудро одговарале, темелејќи ги своите зборови на Светото Писмо и светоотечкото Предание, и така постигнале победа во дијалогот.
Откако го проследил со големо внимание овој дијалог, еден Турчин, кој се викал Хасан, а им служел како преведувач на препирачите, се восхитил и бил трогнат од неочекуваната духовна длабочина и големото христијанско смирение. Тогаш Агарјаните се нафрлиле на својот сонародник и толку силно го претепале што на телото на маченикот не останало неповредено место, а потоа го фрлиле во занданата, заедно со останатите Христови преподобномаченици.
Утредента, кога посрамените Агарјани увиделе дека монасите се непопустливи, исполнети со гнев, ги осудиле на смрт сите четириесетемина и ги повеле кон височинката на Баирскиот рид за таму да им ги отсечат главите на 9 март 1385 година според страиот календар. Од тогаш се слават 40 битолски маченици на 21/22 март секоја година со збирање на народот на манастирот на Кркардаш и со палење свеќа во храмот.
(Преземено од фб страницата на Манастир Св Спас, село Црнобуки)
Фото Диоген Хаџи-Коста Милевски