АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во периодот од 2 - 4 Октомври, во хотелот Епинал во Битола, ќе се одржи VIII СЕК –Симпозиум на етнолози конзерватори во организација на НУ „Завод и музеј“ - Битола,Министерството за култура на Р. Северна Македонија, Министерството за култура на Р. Хрватска, Конзерваторските оддели од Загреб, Славонски Брод и Заводот за заштита на културно наследство на Р. Словенија, Подрачна единица Ново Место.
Темата на овој меѓународен собир е Управување со културното наследство: од валоризација до интерпретација.
Начелно, сите служби за заштита на спомениците на културата, своето внимание го посветуваат на професионални и административни задачи поврзани со заштитата на недвижното културно наследство, а во тој контекст и на заштитата на движното и нематеријалното наследство.
Со оглед на тоа, вработените во овие институции секојдневно се сретнуваат со сопственици, корисници и други заинтересирани лица, поврзани со заштитата и обновата на културното наследство.
Во контекст на изнесеното, посебно внимание се посветува и на промоцијата на истражувачката и конзерваторската работа, како и на организирањето на различни стручни средби, предавања и изложби, каде што се презентираат конзерваторските активности врз нашите споменици на културата, и воопшто на културното наследството.
Од одржувањето на Првиот симпозиум на СЕК 2003 год., па до денес, како организатори на настаните наизменично се појавувале словенечките и хрватските конзерватори, па за нас е од особена чест што во својство на организатори и домаќини, оваа година се појавуваат македонските конзерватори.