АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вработените и учениците од ООУ „Александар Турунџев”- Кукуречани спроведија акција на засадување на 150 садници лешници во училишниот двор. Садниците се донација од СОКОТЕРА ДООЕЛ- Битола, кои несебично ги прифаќаат и помагаат идеите на ова училиште.
„Со оглед на тоа што училиштето се наоѓа во рурална средина, овај проект е убава можност за учениците да реализираат и применат дел од наставата по биологија и природни науки. При процесот одгледување на лешници, учениците ќе научат и повеќе за животната средина и обновливите извори на енергија, ќе стекнат здрави навики кои наставниците сакаат да ги всадат кај учениците уште од нивната најмала возраст“, рече директорката Бранка Лазаревска.
Во план се најразлични активности при одгледувањето на лешниците така што се очекува учениците да научат важни работи како: добра комуникација, способност за работа во тим, чувство на заедница, почитување на другите и нивното мислење, вештина на набљудување, отвореност, љубопитност, критичко размислување, трпеливост и флексибилност.
Училишниот двор зад училишната зграда, односно местото на кое што се посадија лешниците долги години беше неискористено и запоставено. Истото во март минатата година беше исчистено, оспособено и прилагодено за овоштарник. Во акцијата за чистење учествуваа и Стрежево, Нискоградба и Македонија пат со механизација и тоа: багери, гредери, липкери и камиони. Потоа беше спроведена акција во која вработените, родителите и учениците го доисчитија и доуредија училишниот двор.