АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Наум Хофман од Вашингтон, чии предци се од Скопје, Кочани и Штип, Метју Костов од Детроит, а родум од Преспа и Кристијан Димкос од Цирих, чии семејство води потекло од Леринско, се тројцата учесници во програмата „Право по раѓање“ кои летово претсојуваат во татковината на нивите родители, баби и дедовци и се во посета на институции и фирми во Битола поврзанми со областа на нивното студирање и интерес.
„Имам 21 година и доаѓам од Вашингтон каде студирам компјутерски науки. Од секогаш сум ги почитувал македонските корени, од секогаш сум сакал да бидам дел од земјата на моите предци, голема чест за мене е што сум вклучен. Првпат доаѓам Битола, моето семејство живеело во Скопје, а мајка ми во Кочани, баба ми од Штип. Ми се допаѓа многу Битола, многу е поразлична од Вашингтон. Животот тука е многу посмирен , луѓето имаат имаат време да разговраат и пијат кафе, а онаму од каде сум е многу брза живеачката“, рече Хофман зборувајќи дел на македонски, дел американски јазик.
Метју Костов од Детроит по петти пат доаѓа во Македонија, а семејството во минатото од Љубојно му се преселило во САД.
„Студирам на Универзитетот во Мичиген насока хемија и биологија. Многу сакам да доаѓам во Македонија, Битола, Љубојно. Местото е многу убаво. Јас секогаш им кажувам на пријателите колку е убава Македонија, колку опуштено е тука. Мноу е убаво јадењето, местата, па и девојките’, рече Метју на македонски јазик.
Кристијан Димкос е најмладиот од тројцата посетители, учи во интенационално средно училиште во Цирих, Швајцарија, а семејството има потекло од Леринско.
По шести пат се организира ова програма, но за првпат со вклучување на Битола. Иницијативата за нејзино проширување ја покренаа четири невладини организации, во кои членуваат и универзитетски професорки Рената Петревска- Нечовска од „Хаб за тактички менаџмент“, Мимоза Богдановска- Јовановска од Центарот за локални иницијативи, Моника Ангелевска- Дичовска „Инова лаб“ и Светлана Петковска од Здружение на жени-Битола.
„Главен акцент е ставен на праксата, тоа е она што ги поврзува со бизнис секторот и инстутуциите, а во меѓувреме заедно со сместувачките семејства имаат голем број активности за да ја запознаат земјата, да го видат културното наследство, како младите живеат. Предвидена е и посета на неколку факултети во Битола. Можеби ќе се воспостави соработка со нивните факултети, а и добриот глас надалеку се слуша, па можеби ќе имаме повеќе студенти со што ќе се проширува кругот на универизтети со кои Битолскиот универзитет би имал соработка“, рече Богдановска-Јовановска, професорка на Факултетот за информатички и комуникациски технологии.
Гостите беа пречекани и во Ректоратот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Битола.
„Тоа се деца чии родители или прародители се отселиле од Македонија и таа втора-трета генерација на наши сонародници е најдобрата за одржување на врски со нивната претходна татковина. Првата генерација кога ќе замине се соочува во новите земји со многу проблеми, работа, желби за подобар живот, но втората и третата генерација кои веќе ги уживаат благодетите на нивните нови татковини сега доаѓаат тука да се остварат врски“, рече проректорот и иден ректор Игор Неделковски.
-Тука главната основа е желбата за трансфер на знаење, бизнис, заработка. Ќе ги запознаеме со нашите факултети. И убедени сме дека кога ќе се вратат во земјите од каде доаѓаат ќе не поврзат со нивните факултети, па кога ќе бидат биснимени можеби и ќе ја продолжат соработката и со стопанството од регионот-, додеде Неделковски.