
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Заради зголемен број на прегледи во Интернистичката амбуланта и зголемен број на хоспитални болни со фебрилни состојби, бронхопнеумонии и вирусни состојби, Интерното одделение привремено се проширува на одделот за Физикална медицина во Клиничката болница Битола. Ова се случува бидејќи е затворен стационарниот дел на Инфективното одделение, потврдува за медиумите, началникот на Интерното одделение при Клиничката болница Битола, д-р Елизабета Ивановска, специјалист интернист, субспецијалист пулмолог. На дневна болница се 65 пациенти, додека 70 се хоспитализирани, а за едно деноноќие се прегледуваат до 90 пациенти.
Пулмологот Ивановска вели дека ваквата состојба ќе потрае се додека има потреба од хоспитализации и напоменува дека за пациентите сместени во Физикална, обезбеден е полн капацитет од лекари и медицински персонал со 24 часовна смена.
„Едно од најоптоварените одделенија во Битолската клиничка болница е Интерното одделение заради наплив на тешки хоспитални вирусни инфекции поради што работиме со натпросечни човечки сили, бидејќи и самиот персонал се заразува од вирусите и затоа упатуваме еден апел до хроничните болни и повозрасната популација да останат во своите домови, да не излегуваат надвор без потреба и да не се групираат со цел да ја избегнат оваа ситуација како не би имале здравствени проблеми“, вели д-р Ивановска.