АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Апелациониот суд од Битола ја потврди првостепената преуда со која е доделена парична оштета на битолчанка која била нападната и искасана од улична мачка. Настанот се случил на Нова година во 2021 –ва додека жената фрлала ѓубре во контејнер на улицата „Тошо Даскало“ во Битола. Адвокатот на повредената, м-р Марјан Петровски, кој успеа да го добие судскиот процес вели дека неговата клиентка била нападната ненадејно од голема мачка, повеќекратно, при што ѝ биле нанесени повреди- откината кожа и месо во дел од раката, а била и касната во поколенијата и надколеницата. Повредите биле утврдени од медицинската документација, фото документација, а беше изработен и вешт наод и мислење од вешто лице, специјалист по судска медицина.
„Откако ме контактира оштетената, иако на прв поглед изгледаше како едноставен и наивен случај, увидов дека се работи за еден исклучителен и специфичен сличај, во кој повредите кои ѝ беа нанесени на оштетената воопшто не беа наивни. После извршена детална анализа на правната рамка која ја регулира оваа материја, а имајќи ги предвид одредбите од Одлуката за комунален ред донесена од Општина Битола во корелација со Законите за комунални дејности, локална самоуправа и облигациони односи, утврдив дека во целост не е извршена обврската во однос на заловувањето на животните скитници, после што ја поднесовме предметната тужба со која ги тужевме Општината и Јавното претпријатие „Комуналец““, вели адвокатот Петровски.
(Фото: адвокатот м-р Марјан Петровски)
Основниот, а потоа и Апелациониот суд од Битола утврдија дека надлежните не само што не ги извршиле своите обврски во однос на бездомните животни туку утврдија и одговорност и на оштетната ѝ досудија надомест на нематеријална штета од 50 000 денари.
Ова е прв судски случај за напад од улична мачка во Македонија, а според законската регулатива во тој период покрај за улични кучиња, можеа да се поднесуваат тужби и за мачки.