АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Телeвизор, вреќи со пластични шишиња, крпи исфрлиле некултурни посетители на патеката за Палисопје на 1.500 метри надморска височина во срцето на Националниот парк „Пелистер“. Планинари кои оттука се искачуваат преку Пресека и некогашниот планинарски дом „Ловечка“ до врвот Анетана, деновиве беа непријатно изненадени од глетката.
„Скоро и да нема никогаш смет на оваа патека. По некогаш се случува да се расфрлани хартија, влажни марамчиња и слично, но не и предмети од домаќинството. Кој е тој што би донел телевизор до Пелистер и да го фрли во чиста природа? Наоколу нема објекти. Потаму, пак, затекнавме вреќа со собрани платични шишиња, оставена токму под натписот ‘Не загадувај’. Кој сакале да им го подигне сметот? Ние велиме најдобрата корпа е вашиот ранец во кој ќе си го понесете и ѓубрето“, велат револтирани планинари од Битола.
Директорот на Националниот парк „Пелистер“, Осман Шукриу вели дека сè што можат чистат за да нема отпад низ планината што е под нивна надлежност. Се случува посетители за викенд зад себе да остават ѓубре, а потоа службите на паркот да го исчистат. Собраниот смет го подига Јавното претпријатие „Комуналец“ и Паркот бара да бидат ослободени од оваа услуга зашто го чистат она што народот го остава, а и самите се финансираат.
Инаку, Шукриу вели дека случаите на расфрлен отпад се поретки, најчесто дело на одредени посетители, а планинарите се најдисциплинирани кои не само што не оставаат ѓубре зад себе, туку се случува да го соберат и туѓото.