Станари од социјална зграда во Битола заробени во нивните станови зашто надлежните две години не го поправиле лифтот

Мај 23, 2023

38-годишна жена со церебрална парализа од Битола скоро две години не може да излезе од својот стан ниту да оди на лекар, затоа што во зградата со социјални станови лифтот не работи толкав период.

 

Седумкатницата на улица Смилевски конгрес број 25 има 20 станови, од кои 15 се социјални, за кои станарите ѝ плаќаат кирија на државата, па одржувањето на лифтот и другите делови од објектот се во надлежност на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор.

 

„Ќерка ми е со церебрална парализа. Не можам ништо да направам да ја изнесам надвор на воздух. Доктор викаме на приватно дома, интернист, лаборант да ѝ зема крв. Но, забар не можам да викнам. На петти кат живееме, две години не може да излезе од дома откако лифтот е расипан. Надлежните ништо не преземаат, лага до лага. И Брза помош да викнам да ја кренат од петти кат и да ја однесат на забар, потоа кој ќе ја врати назад и качи во станот“, со солзи во очите реагира мајката Калина Димитриевска.

Во зградата има и други станари со здравствени проблеми кои отежнато се движат, а мораат секојдневно да качуваат повеќепати по неколку ката за да ги завршат обврските.

„Меѓу станарите има жена што оди на хемотерапија, јас имам пет истечени пршлени не смам да се качувам по скали, ми се кочат нозете, срцев болесник сум, со тумур. На жената со церебрална парализа никако не можеме да ѝ помогнеме да ја однесеме на забар, забите кога ќе и се скршат си ги голта. Дали некој има жал за ова. Има и друга жена срцев болесник, со операции. Еднаш неделано слегува на задникот по скалите“, реагира Вера Мискарова , претседателка на куќниот совет.

Револтираните станари реагираат дека досега доставиле пет претставки кај Народниот правобранител, од каде по преземените мерки кои не вродиле со плод им било кажано да поведат судска постапка. Се обраќале до првите луѓе на претпријатието во Битола и Скопје, но велат без успех.

„Ми кажаа дека овој месец ќе биде готов лифтот, ме излажаа. Имам дадено жалби, молби, никој не помага. Ги имам зачувано друи разговорите со директорите и пораките во телефонот. Срамота е“, вели станарот Димче Бошевски.

Од АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор одговорија дека веднаш по утврдување на техничка неисправност на лифтот, надлежните служби преку овластен сервисер започнале постапка за надминување на ситуацијата. Утврден е проблем со моторот, чија репарација и покрај вложените напори не била изводлива.

„Друштвото донесе одлука за набавка на нови, компатибилни делови во насока на сеопфатна поправка. Преземени се соодветни активности за објавување на тендер за набавка на услуга за техничко одржување и сервисирање на лифтови, откако претходно беше распишана тендерска постапка за прв технички преглед и периодични технички прегледи. Имаме целосно разбирање за проблемите со кои се соочуваат лицата- корисници на овие станови, поради што максимално го забрзува целиот процес, секако во рамки на законските можности, па оттука, веднаш по реализација на постапките, во најкус можен рок, ќе пристапиме кон поправка и ставање на лифтот во употреба“, одговорија од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани