2win800x200

Професор Борче Треновски: Новиот предлог-буџет на Битола е потребно да се стави на седница, отворено продискутира и да се коригира

Август 21, 2023

БИТОЛА – Новиот предлог-буџет на Општина Битола треба да се разгледува на нова седница, каде ќе биде неопходно клучните засегнати страни – Градоначалникот и советниците да направат консензус – па истиот да се коригира и да се врати назад во Министерство за финансии, порачува универзитетскиот професор Борче Треновски, разгледувајќи ја најновата ситуација во Битола по изгласувањето на измените на буџетот во Општина Битола по што следуваше разногласие кај учесниците во Советот и политички препукувања.

„Мора да се стави на седница и да се разговара за тековната ситуација. Затоа што не ќе може општината да функционира без Буџет кој ги има поминато сите инстанци -меѓу кои и да биде внесен во системот на Министерството за финансии“, изјави економскиот експерт, Треновски во изјава за „Независен“.

Советот на Општина Битола, на седницата одржана на 11.07.2023 година изгласа Одлука за измена и дополнување на буџетот, која по поднесувањето до Министерството за финансии не е спроведена, односно буџетот не е вчитан, заради посериозен пропуст, односно надминување на буџетската рамка за над 160 милиони денари. Сега се отвора дилемата дали овој предлог ребаланс може повторно да се разработи или мора истиот да се стави вон сила и да се започне нова постапка?

Професорот Треновски вели дека измените на буџетот ќе бидат вчитани во Министерство за финансии само ако се исполнат условите за тоа -согласно утврдената буџетска рамка – ова не е прв пат и прва општина да го прави ова – истиот е неопходно да се усогласи со законските одредби.

„Во ваква ситуација кога измените на буџетот не може да се вчитаат и не ги исполнува условите согласно Законот на финансирање на единиците на локална самоуправа се враќа на повторно разгледување во Советот, треба да се стави на седница на дневен ред на Совет на Битола, да се дискутира отворено и да се коригира и да се врати назад во Министерство за финансии.

Останатите дилеми и дискусии влегуваат во доменот на политиката и политичките позиции – затоа треба да се има политички консензус да се седна на маса и да се договорат сите страни, советниците, градоначалникот и секторот за финансии во општината да најдат меѓусебен консензус, кој дел од буџетот може да се пренамени да се коригира, дополни, кои амандмани да се прифатат за да се најде решение. Целта е да се најде консензус и да се коригира буџетот кој би ги исполнувал условите и би бил прифатен за да не застанува работата на општината, да може да функционира општината“, порачува професорот Треновски во изјава за „Независен“.

Ова не е прв случај во локалните самоуправи во државата, да има проблеми и натегања околу прифаќањето на измените и дополнувањата на буџетот, и воопшто околу носењето на буџетот, па од таму професорот Треновски порачува -„Министерството за финансии заедно со ЗЕЛС и општините да донесат една процедура или правилник каде подетално би се образложиле сите процедури па и овој дел од донесувањето на измените на буџетот кога не се вчитува во Трезорот. Јасно да се каже како да се направи повторното вчитување со какви корекции, како тече постапката на коригирање на буџетот, кој е одговорен за истата, во кои рокови треба да се направи за да не се случува на разноразни правни толкувања. Туку да има детална процедура“, вели професорот Треновски.

Претседателката на Советот на Општина Битола закажа седница за во среда на 23 август, но одби да го постави новиот ребалансот на буџетот како точка на дневен ред.

Илиевска уште минатата недела на прес конференција кажа дека– „Јас новиот ребаланс што го пласира Коњановски немам намера да го разгледувам’.

„Апсолутно немам намера да го разгледам, зашто имаме донесен ребаланс за кој формиравме и групи и тие требаше да работат да влезат тие средства во рамката предвидена од Министерството за финансии. Не може Советот да носи нов, кога веќе имаме ребаланс објавен со службен гласник и кој во себе содржи амандмани кои овде ги изгласале мнозинството советници. На први август градоначалникот го објавил ребалансот. Незаконски е да пушташ нов ребаланс ако имаш усвоен кој е објавен во Службен гласник“, рече Илиевска.

Од опозициската СДСМ ги повикаа сите партии во Советот на Битола на соработка и конструктивност за како што велат „фамозниот“ ребаланс да добие финална разрешница на следната седница.

„Коњановски тера инает и не прави правилна распределба на средствата по ставки и години за да може буџетот да помини. Претседателката на Советот, Илиевска, повторно погреши, таа требаше да знае дека со потписот што го стави на таквиот, несработен буџет, стана соучесник во одолговлекувањето на постапката за ребаланс на буџетот на општината!

Затоа, вистинското прашање е за чии интереси работат Коњановски и Илиевска и упорно се инаетат и надмудруваат преку преписки кој е во право! А, штетата ја трпат само битолчани !
СДСМ и коалицијата уште еднаш го афирмираат ставот дека ќе дозволиме да биде изгласан ребаланс само доколку тој биде развоен и содржи, пред сè, капитални проекти“, рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ Битола.

Градоначалникот Коњановски порачува дека коригираната верзија повторно треба да биде разгледана/усвоена од Советот на општината и повторно доставена до Министерството за финансии.

„Поради сите овие законски одредби, повторно повикувам на разумност и поставување на буџетот како точка на дневен ред, со цел да не се запрат започнатите процеси, градежни активности и планирани проекти, затоа што битолчани не го заслужуваат тоа. Драго ми е што и опозицијата се залага за донесување на ребалансот на буџетот и што ја препознава важноста од неговото усвојување. Затоа и се направени измените во ребалансот, со цел да се усогласат со барањата на советниците, без при тоа некој со некого да си игра мајтап“, вели Коњановски и јавно ги повика координаторите на советничките групи, на координативен состанок, кој ќе се одржи утре вторник, ден пред одржувањето на седницата на Советот.

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани