2win800x200

Зависноста од коцкањето добива алармирачки размери во Битола, особено кај младите луѓе

Март 20, 2024

БИТОЛА – „Нова мода“ во Битола. Инцидентите во казина и обложувалници се множат од ден во ден.

Во текот на минатата година според битолската полицијата евидентирани се 7 случаи, а само овој месец има два нови случаи на деструктивно однесување во објекти на казина. Психолозите алармираат на сѐ почесто навлекување на младите битолчани на коцкање.

Социјалните мрежи вријат по најновиот инцидент во Битола, кога маж од селото Олевени со трактор искрши влезна врата во казино во населбата Карпош во Битола. Минатата недела пак, млад маж се обиде за запали казино во строгиот центар на градот, во споредна улица на  Широк Сокак. Најбизарната случка се случи во ноември лани, кога жител исто така на село близу Битола со трактор „парадираше“ на Широк Сокак во раните утрински часови, обидувајќи се да влезе со земјоделската машина во казино спроти хотелот „Епинал“ во срцето на градот.

Четириесет годишниот маж кој пред еден ден ја искрши врата на казиното во населбата Карпош во Битола веќе доби 8 дена притвор, потврдуваат од СВР Битола.

 „Лицето П.К. (40) од Битола ќе одговара за кривично дело ‘предизвикување на општа опасност’. Тој е пренесен од Основениот суд Битола до затворот за извршување мерка притвор“, потврдува Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

За инцидентот со мажот кој со трактор се обиде да влезе во казиното на Широк Сокак, Стаматова вели дека тоа не е кривично дело. Нему му бил издаден прекршочен платен налог за движење по патека која е наменета за пешачка зона.

Битолското обвинителство поведе постапка против мажот од Долно Оризари што потпали казино во Битола на почетокот на овој месец.

„Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против  жител на селото Долно Оризари кој е осомничен за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. По предлог од надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола определи мерка притвор“, информираа од ОЈО.

На социјалните мрежи брујат се дека „општествените вредности се во слободен пад поради негрижа на државата и несоодветни закони“ , дека сега се влегува со „тракторите по казината, наместо по нивните,  а утре кај извршителите и продавниците за брзи кредити“, како и тоа дека државата ги помага земјоделците, а тие наместо во агро-инвестиции „субвенциите ги трошат по казина и за тоа нема отчетност“.

Наш соговорник кој добро ги познава состојбите раскажува дека „Откако ќе ги изгубат и тие малку пари кои ги имаат, под дејство на бесплатниот алкохол кој во неограничени количини се точи и конзумира во сите казина, што е и причина плус за ескалирање на ситуацијата и нарушување на јавниот ред и мир, со проблем најпрво се соочуваат  вработените во казината, навреди и закани, оштетувања на апаратите.  Во сите случаи станува збор за губање на големи средства за што и самите учесници се револтираат и на еден начин ја покажуваат нивната огорченост кон овај вид на „забава” од кој навистина страдаат цели фамилии.“

Ноември со трактор на Широк Сокак

Психологот Марија Младеновска-Димитровска, од Гимназијата „Таки Даскало“ во Битола, укажува на уште погорлив проблем меѓу младата популација во Битола со кои се соочува стручната фела. 

„Има сѐ повеќе млади кои навистина се навлечени на коцка и се почесто одат и во обложувалници и во казина. Дел од нив се малолетни ученици. Во исто време сѐ повеќе се практикува земање на брзи кредити од средношколци кои се полнолетни. Или, има случаи кога не мора да се полнолетни, туку злоупотребуваат личните податоци на родителите. Со лични карти земаат брзи кредити и одат во обложувалници и казина. Целата оваа слика се должи и на застапеноста на казина и обложувалници поблиску од 500 метри до училиштата. Нашата гимназија е во строгиот центар на градот и околу нас има и обложувалници и казина“, констатира психологот Младеновска-Димитровска.

Според неа, бидејќи се работи за зависности за проблемот кај младата популација мора да се бара системско решение.

„Заради одвикнување од зависности имаме млади луѓе кои се во сериозни долгови, токму заради коцкање во казината и  заглавени со брзи кредити и бараат помош. Коцкањето спаѓа во болести на зависност, механизмот на сите зависности е ист, кога некој ќе се навлече многу е тешко да се излезе од тој магичен круг. Генерално механизмот е ист и како кај дрогата и алкохолот, ако не им се даде помош во почетна фаза од зависноста после е тешко, страдаат цели семејства“, предочува Младеновска-Димитровска.

Психологот Марија Младеновска-Димитровски како проблем кај младите во Битола, го отвора и прашањето за онлајн коцкањето. Па, вели дека и од дома на компјутер младите се навлекуваат на коцкање, за што институциите мора да го вклучат црвеното светло со носење на соодветни законски решенија.

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани