АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Го нарекуваат битолскиот славеј со кадифен глас, тоа е нашиот Сефедин Бајрамов, битолска и македонска музичка жива легенда, кој ќе ја пее една од најемотивните серенади на годинешното издание на фестивалот „Ех таа серенада“ што ќе се одржи на 11 јули, на платото во Офицерскиот дом во Битола.
Песната „Да ни потрае денот“ е по текст на Валентин Соклевски, а музика на Давор Неќак.
Соклевски интерпретацијата на песната ја довери на Сефеден за кого вели дека е „мојот децениски искрен другар, музичката легенда, битолскиот славеј Сефедин Бајрамов чиј што кадифен глас е како нежен бран низ кој зборува срцето.“
Песната „Да ни потрае денот“ според текстописецот е чиста човечка емоција преточена во мелодија, збор и глас која ја слави вечната љубов, а за неа во разговор за АПЛА.мк зборува и интерпретаторот Сефедин.
фото-Сефедин Бајрамов
Кога се роди љубовта кон музиката, и кој ве насочи на оваа професија?
Не знам дали постои одреден клучен момент кога се роди љубовта кон музиката. Чувствувам дека таа е тука од моите најрани години, инспирирана од средината во која растев и се развивав, од приказните на постарите, од моите музички идоли...Впрочем, мојата љубов кон музиката е без почеток и крај, една бесконечност која ја живеам секојдневно.
Со кои автори најчесто соработувате и кои се темите за кои пеете?
Можам со гордост да кажам дека сум еден од ретките пејачи во државата кој соработувал со огромен број на еминетни автори на музика и текст, и аранжери. Сите тие оставиле печат, во пренесувањето на мојот сензибилитет и чувства преку песна, и ќе добијат посебно признание и осврт во мојата монографија, која интензивно се спрема за издавање.
Какво е чувството да се достигне успех во кариерата, препознатливост?
Постојат повеќе дефиниции што е тоа успех. Според мене најтешко за еден пејач е да добие препознатливост, да добие свој идентитет, и своја публика. Фактот што голем дел од моите песни се веќе обнародени, а гласот и интерпретацијата лесно препознатливи ме прави неизмерно среќен и горд. Тоа е она што е безвременско.
Со која песна ќе настапите годинава на фестивалот „Е таа серенада“ и како ја доживувате композицијата?
3. Годинава ќе настапам со композицијата " Да ни потрае денот' од авторите Давор Неќак (музика и аранжман) и текст на Валентин Соклевски. Вторпат како и минатата година верувам дека направивме одличен спој помеѓу генијалните и прогресивни идеи на Давор Неќак, и веќе докажаните способности на Валентин Соклевски. Композицијата музички и интерпретарорски е многу богата, и со нетрпение очекувам да ја донесам пред битолската публика.
Фото-Давор Неќак и Сефедин Бајрамов-Офицерски дом Битола
Што ве врзува толку силно за Битола?
За Битола сум зборувал многу низ моите песни и се уште чувствувам дека постои уште нешто што треба да се каже. Битола за мене е секоја коцка од калдрмата во ценатрот позади Безистенот каде што се родив и израснав. Битола за мене е првата љубов, секое изгрејсонце и зајдисонце, среќна, некогаш тажна, но секогаш возвишена и горда, како секој акорд и секоја нота од моите песни што и ги подарив.
А.Блажевска