АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Пред Илинден почнува изградбата на модерен булеварски влез во Битола од страната на Прилеп со сите придружни сообраќајни услови. Реконструкцијата на сообраќајницата е во должина од 1,3 километри.
Најфреквентниот влез во Битола од север, кој со децении наназад е грда слика за градот, ќе се менува, модернизира по барањата на бизнисот, возачите и воопшто граѓаните и посетителите на Битола.
Општина Битола за „Независен“ потврдува дека е комплетно подготвена за реализација на проектот, а градежните работи почнуваат овие денови до крајот на работната недела.
„Независен“ во ноември лани од терен направи комплетна слика на условите во кои се наоѓа влезот на Битола од страната на Прилеп алармирајќи дека ваков влез во градот со една коловозна лента, со пукнатини и дупки во асфалтот, темен и необележан, краевите закопани во кал и песок, во треви и смет не доликува на конзулска Битола, туку остава слика на турска касаба. Патот го користат голем број жители од Пелагонискиот регион и е еден од најфреквентните во државата.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 102.милиони денари, средства обезбедени од Владата.
„Овој проект опфаќа реконструкција на водоводна мрежа, мешовита канализација, изградба на нова атмосферска канализација, улично осветлување, како и реконструкција на постојниот коловоз со доградба. Проектот вклучува и зелен појас, тротоари и велосипедски патеки“, велат од Општината.
Од лани на влезот во Битола кај Дулие започна изградбата на два големи трговски центри – „Блис“ и новиот маркет на „Лидл“, па Општината пред две недели почна со изведба на реконструкцијата и на таа улица што се поврзува со сообраќајницата од влезот на Битола и со тоа ќе се добие една целина. Трговските објекти се на површина од 20 илјади квадратни метри.
Реконструкцијата на влезот на Битола и сообраќајницата е повеќе од потребна, но тоа нема во целост да ја мени сликата за Битола и впечатокот на посетителите, со оглед на тоа што почнувајќи после клучката пред таблата на која Општина Битола ви посакува „Добредојде“, лево и десно на само метар до два од коловозот „никнати“ се стотици (диво)градби.
На самиот раб од сегашниот коловоз има десетици и десетици купишта диви депонии. Самите околни фирми, мештаните од приградските населби го трупаат отпадот на места за кои најверојатно процениле дека е ничие земјиште. (А.Блажевска)