АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За првпат од своето постоење единствениот хотел во рамките на националниот парк Пелистер, „Молика“ е реконструиран и новата зимска сезона, но и 30 годишниот јубилеј ќе го дочека во комплетно ново руво. Градежните работи се сосема при крај, а хотелот ќе ги дочека првите гости на 23 декември. Распродаден е и дочекот на Новата година. Молика, е обновен, но и внатрешно и надворешно го задржа својот изглед кој целосно амбиентално се вклопува во моликовата шума.
-Активностите во хотелот Молика се во завршна фаза, а беа започнати пред околу три месеци. Направена е промена на одводот и доводот, инсталацијата за парно греење, Променета е дограмата и подот во собите, бањите се целосно реконструирани. Краен рок за завршување на активностите во хотелот е 22 декември, затоа што хотелот е веќе распродаден за 23 декември и за дочекот на Новата година“ вели Миле Велјановски, директор на ЕСМ Мотила.
Променети се и гарнитурите во лоби барот, а реконстуирана е и затворената тераса во хотелот „Молика“, која е видиковец со непроценлив панорамски поглед. Сега гостите ќе имаат можност да уживаат не само во летните месеци, туку и во зима, затоа што во реконструираната тераса е вграден камин кој ќе придонесе за пријатен амбиент во зимските месеци.
Паралелно со внатрешната реконструкција, обновена е и фасадата, заменета е дрвената ламперија, како и останата површина од надворешноста на хотелот Молика.
Оваа реконструкција во минатото се најавуваше многупати, но за првпат се реализираше сега во експресно кусо време од само три месеци. Оваа инвестиција за разубавување на хотелот се изведува со дел сопствени средства, како и средства од АД ЕСМ, со што „Молика“ ги прави последните подготовки за новата сезона. Сместен е на надморска височина од 1420 м, се наоѓа на само 15 километри од Битола и покрај домашните посетители,често гости се туристи од Албанија, Србија, Бугарија и Грција. ЕСМ Молика стопанисува и со жичницата на Копанки и очекуваат успешна ски сезона годинава
-Се надевам дека ќе имаме успешна ски-сезона, ќе покаже времето, а прогнозите се дека ќе имаме на Пелистер многу снег оваа година и од тие причини ние изминатиот период се потрудивме максимално да ги подготвиме нашите постројки. Се извршија ремонти на двоседот Бегова чешма-Копанки, се направи комплетен ремонт уште еднаш на ски-лифтот од Бегова до Извидница, така што сметам дека ќе бидеме максимално подготвени за овој период. За прв пат оваа година имаат современа машина, се работи за ново купена машина за тапкање на снегот и подготовка на скијачкиот терен, ПВ-600. Сметам дека оваа година ќе биде подготвена ски-стазата како што никогаш до сега, рече Никола Каровски,координатор на хотелот Молика.
Исто така во завршна фаза се и тоалетите на ски стазата Копанки што беше долгогодишен проблем за посетителите