2win800x200

Љубчо Георгиевски – „војводата“ ќе го брани Љупчо Георгиевски од бугарскиот клуб во Битола

Декември 18, 2023

БИТОЛА – Љупчо Георгиевски – „војводата“, претседател на ВМРО-Народна партија и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде сведок на одбраната на судењето на имењакот Љупчо Георгиевски, екс-претседателот на сега згаснатиот бугарски клуб во Битола „Ванчо Михајлов“.

Во Основниот суд во Битола денес се одржа третото по ред рочиште за судењето на Љупчо Георгиевски и како сведок во понатамошниот процес ќе се јави лидерот на ВМРО-НП, Георгиевски. На судењето беше кажано дека од листата на сведоци на одбраната ќе се повлече Георги Црномаров, битолчанец кој беше дел од клубот, а ќе сведочи екс-премиерот  Георгиевски.

Членовите на поранешниот клуб „Ванчо Михајлов“ сведочењето на политичарот Георгиевски го сметаат како адут, нивна најсилна карта во целиот судски процес, бидејќи „војводата“ прифатил да биде дел од нивната одбрана.  

Доказната постапка денеска продолжи, а сведок на обвинителство беше Горан Садикарио, директор на Музејот на холокаустот во Скопје.

Садикарио пред судот се појави со уметнички цртеж, нацртан со ликот на неговата прабаба, Еврејка која била погубена во логорот во Треблинка. Судијата Цветанка Никодиновски не дозволи цртежот да биде во неговите раце на сведочењето.

Садикарио кажа дека е битолчанец по потекло, Евреин и дека многу негови роднини Евреи биле насилно депортирани во логорот Треблинка и убиени од страна на како што рече „бугарските фашистички окупатори“. Во своето сведочење тој рече дека се повикува на факти објавени од германски и наши историчари.

„Еврејската заедница издаде еден официјален став по однос на отворањето на клубот ‘Ванчо Михајлов’ во Битола и неговото работење. Ние бевме згрозени, навредени од името коешто беше употребено за именување на овој клуб. Недозволиво, неприфатливо е за нас како Евреи и граѓани во Р.С. Македонија, чиј Устав се темели на антифашистичката борба да се именува клуб по името на докажан фашист и соработник на нацизмот. Такво  е името на Ванчо Михајлов. Употребено за клуб во Битола кој е на локација на 50 метри од поранешната еврејска зграда, односно Пионерскиот дом во Битола. Зграда во која младите и прогресивни Евреи од Битола  се дружеа учеа и придонесуваа за Битола. Во тој клуб била и Естреа Овадија Мара“, рече Садикарио.

Садикарио беше запрашан од обвинителката Оливера Нечаковска дали за Еврејската заедница има значење датумот 16.04 2022 година, сабота, кога беше свечено отворен клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

„Сабота е Шабат, а на овој датум лани беше и Пасха, прв ден празник, ослободувањето на Евреите од египетското ропство“, рече Садикарио и наведе дека високите гости од Бугарија како тогашниот премиер Кирил Петков, Јотова, Каракачанов…, кои дојдоа на отворањето на клубот наместо да се поклонат пред спомениците на жртвите од холокаустот тие дошле на отворање на клубот со име на докажам фашист, велејќи дека тоа било „бесрамно“ од нивна страна.  

„Сите наши искажани ставови не се антибугарски, ниту насочени кон бугарскиот  народ, туку барем официјална Бугарија да ја признаеше одговорноста и вината на тогашните бугарски фашистички власти и да се извинеше“, рече Садикарио.

Адвокатот на Георгиевски, Насер Рауфи, се обиде да го дискредитира сведокот, прашувајќи го дали има завршено факултет и особено дали е историчар. Сведокот кажа дека е правник со магистратура.  

„Велите дека Ванчо Михајлов е докажан фашист, како правник може ли да ни предочите докази дека бил суден за тоа или пресуда?“, рече Рауфи. Садикарио  кажа дека нема пресуда за Ванчо Михајлов. 

На ваквите прашања остро реагираше обвинителска Нечаковски  велејќи дека „се вулгаризира комплетно судскиот процес“ со поставените прашања, антифашистичката борба на македонскиот народ, начинот на кој што сме ја учеле историјата.

Како сведок на одбраната беше сослушан Благој Шаторов, секретар на поранешниот клуб „Ванчо Михајлов“. Шаторов кажа дека во бугарскиот клуб во Битола, се читале книги, се гледале филмови и се организирале хуманитарни настани пред и за време на ковид кризата.  Шаторов кажа дека не знаел дека на истата улица „Рузвелтова“ во Битола своевремено имало еврејски клуб, ниту пак дека Шабат е во сабота, па затоа се поклопило отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“.

Екс-секретарот Шаторов, кој сега живее во Софија, сведочеше дека претседателот на клубот Љупчо Георгиевски никогаш не пројавил омраза кон Евреите или борците од НОБ и дека „во принцип е човек кој што не знае да мрази“. Запрашан од адвокатот тој зборуваше за ликот и делото на Ванчо Михајлов, ама на говорница скришум си зеде ливче за потсетување, но судијата го виде и му кажа да не чита од напишаното и да го остави ливчето настрана.

Нема достапен опис.

Обвинителката  Нечаковски му ги постави истите прашања на Шаторов како и адвокатот Рауфи на нејзиниот сведок, па го праша  дали има завршено средно образование и дали е историчар. Шаторов одби да одговори.

Судењето продолжува напролет во март кога се очекува да сведочи политичарот Георгиевски како дел од одбраната на обвинетиот Георгиевски кој се товари за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, или народски кажано за неговите објави на социјалните мрежи каде го величел ликот и делото на Ванчо Михајлов.

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани