2win800x200

Осумгодишно дете од Битола каснато од куче - од Општината велат со организиран пристап ќе се постигне решение на проблемот со бездомните кучиња

Април 14, 2025
фото прифатилиште за кучиња фото прифатилиште за кучиња

Осумгодишно дете од Битола се здобило со повреда на челото и имало неколку скопци откако куче со ушна маркица го нападнало додека со родителите било во пицерија во строгиот центар на Битола.

Детето е однесено на болница и раната му е санирана.

Настанот се случил вчера кога детето додека седело со родителите во пицеријата го хранело кучето, во еден момент, кучето го нападнало детето нанесувајќи му повреди на челото.

„Ова се само неколку капки крв, траги, како една фамилијарна вечера се претвора во трагедија... Куче скитник нападна дете бидејќи немаше повеќе храна која ја делеше со истото...“, стои во објава со фотографии на Фејсбук група во Битола.  

 

Од Битолската клиничка болница потврдуваат дека имале интервенција. Детето било повредено на челото.

Од СВР Битола засега не можат да го потврдат случајот, бидејќи кај нив не е пријавен. Велат дека во последните неколку денови имало пријави за други случаи на нападнати граѓани од кучиња скитници, но не и за дете.  

Меѓутоа таткото на детето во една од групите на Фејсбук самиот пишува за настанот и повредата кај детето и за виновник посочува едно од здруженијата за заштита на животните.

„Ако некој знае каде имаат канцеларија ве молам да ми помогните...Ве молам да ми помогнете да ги излечам раните од син ми што ќе ги носи цел живот...“, пишува меѓу другото таткото.  

Од Општина Битола изразуваат длабоко жалење за немилиот настан во угостителски објект на Плоштадот Магнолија, и потврдуваат дека осумгодишно дете се здобило со повреда на челото, како резултат на напад од улично куче. Градоначалникот Тони Коњановски се чул телефонски со родителите.

Во соопштението од Општина Битола се вели:

Општина Битола, изразува длабоко жалење за немилиот настан, кој се случил вчера во угостителски објект на Плоштадот Магнолија, при што осумгодишно дете се здобило со повреда на челото, како резултат на напад од улично куче.

Благодарение на навремената интервенција, детето е соодветно згрижено во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, каде што му е пружена неопходната медицинска помош. Повредата е санирана, а детето е пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки.

Во денешниот контакт со родителите, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше информиран дека детето се чувствува добро, но сеуште чувствува страв, после вчерашната случка, иако станува збор за дете кое ги сака кучињата и честопати знае да игра со нив. Коњановски посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласи дека, општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.

Во координација со ЈП „Комуналец“, Општина Битола веќе ги презема сите потребни мерки за спречување на вакви случаи. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња.

Прифатилиштето „Хачико“, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика. Работата на прифатилиштето мора да биде поддржана, а не дискредитирана, како што за жал беше случај изминатата недела, од одредени субјекти.

Општина Битола апелира до сите засегнати страни и институции за координирано делување и поддршка на ваквите решенија, кои овозможуваат безбедна и хумана средина за сите граѓани.

Анета Блажевска

  

  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани