2win800x200

Почнува полагањето за возачка дозвола во Битола - Кандидатите чии испити беа одложени ќе бидат лично контактирани - објави „Супер возач“

Септември 17, 2025

Почнува полагањето на испитот за возачка дозвола во Битола откако повеќе од еден месец беше прикинато поради недоследности во работата на фирмата Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола. 

Од правното лице „Супер возач“ ДООЕЛ Битола кое организира и спроведува испити за возачи на моторни возила за сите категории и национални категории денеска на веб страницата обајавија известување за понатамошниот тек на работа на испитниот центар. 

 

„Известување:Термини за полагање на одложените возачки испити и информација за прием на нови кандидати за возачи ќе бидат објавени на интернет страницата на АМИЦ Супер Возач Битола. Кандидатите чии испити беа одложени ќе бидат лично контактирани.“, стои во објавата на „Супер возач“

 

МВР на прашање на „Апла.мк“ одговори дека фирмата „Супер возач“ веќе има позитивно решение за да продолжи со работа. 

 

„Во врска со вашето прашање околу испитниот центар за возачки дозволи во Битола упатено до ООЈСП (наш бр. 16.1-1959/1), ве информираме дека од страна на надлежна Комисија при МВР извршен е увид во правниот субјект „Супер Возач“ изготвено е позитивно известување и во текот на вчерашниот ден (16.09.) истото беше испратено до фирмата. Така што се очекува во наредните денови фирмата да почне со непречена работа.“ стои во одговорт на МВР за Апла. 

 

Испитниот центар Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола престана да врши полагања за возачки дозволи на 12 август со период до 13 септември со цел да ги реши неправилностите во работењето. Министерот Панче Тошковски завчера изјави дека правното лице ќе продолжи со организирање на полагања за добивање на возачки дозволи. 

 „МВР му донесе забрана за работа во траење од 30 дена на правното лице (Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола), бидејќи неколку месеци од како ја добил лиценцата не ги испочитувал условите за работа кои требало да ги испочитува за да функционира овој испитен центар. Кадрите кои претходно работеле во испитниот центар, правното лице ги заменило со нови. Дел од стручните лица немале лекарски уверенија. Испитниот центар не водел соодветна евиденција на луѓето кои што полагале за возачка“, објасни министерот.    

Всушност при надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар, потребната документација за возилата кои треба да ги поседува „Супер возач“ за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит и накрај водењето на неуредна евиденција.

 

Анета Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани