АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје од недомана ја красат завеси изработени од вредните раце на членките на Организацијата на жени од Битола. Битолчанки го заокружија целокупниот амбиент во спомен собата каде сите предмети се автентични и рачно ги изработија завесите на прозорците. Иницијативата е на Организација на жени, а идејата се родила пред неколку месеци
-При посетата на Спомен куќата на Мајка Тереза во месец мај забележав дека сите прдмети од музејската поставка се оригинални и автентични, но завесите воопшто не одговараа и не се вклопуваа во тој амбиент. Тогаш го прашав директорот Ариан Асланај, дали е прифатливо членките на Организација на жени да изработат завеси и да ги донираат во Спомен куќата на хуманитарката. Тој најпрво беше изненаден, но со задоволство ја прифати нашата идеја, вели Светлана Петковска, претседател на Организација на жени од Битола.
Потоа следеше период од неколку месеци на изработка на завесите. Членките набавија материјал, конец за плетење, едни плетеа, други го шијеа платното за завесите, а пред неколку дена донацијата ја предадоа онаму каде што ветија.
-Денес за мене и за мојата Организација на жени беше голем ден. Пред некој месец ветивме, а денес остваривме. Сплетивме и сошивме завеси за Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје. Таа правеше за цел свет добрини, еве ние малку за неа.Среќни, весели и горди, напиша Петковска на својот ФБ профил
И на веб страницата на Спомен куќата на Мајка Тереза, како последна вест е токму донацијата од Организација на жени, завесите кои го надополнија автентичниот амбиент.