АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Претседателот на Совет на Општина Битола, Валентин Груевски денеска јавно упати апел до мнозинските акционери на ФК Пелистер од Битола да ги исплатат долгот и клубот да го остават со чиста сметка. После тоа да отпочне правната процедура за преземање на акциите, зошто без платени обврски Општина Битола нема можност да го преземе клубот.
-Свесни сме за итноста на ситуацијата и временскиот теснец во кој се наоѓаме, затоа денес или најдоцна утре ќе биде рокот во кој треба да се исплатат долговите и да почне нормализација на состојбите во клубот. Се после утрешниот ден ќе биде предоцна за клубот-предупреди претседателот на Совет, Груевски.
Тој потенцираше дека Општина Битола нема да се откаже до последен момент од ФК Пелистер .
Од правен аспект , вели Груевски, сеуште мнозински сопственици на клубот се ЗИК Пелагонија, Орка, Жито- Битола, Пелистерка. Иако одборот на директори си поднел оставки истите не одржале акционерско собрание и не си ги верифицирале оставките.
-Од тој аспект во овој момент Општина Битола неможе правно да го преземе управувањето со клубот, рече Груевски, констатирајќи дека во ФК Пелистер во овој момент има 8 фудбалери , од кои два голмани, нема опрема, нема топки , нема ништо.
-ФК Пелистер е клинички мртов. Клубот е во тешка финансиска , кадровска и правна криза, а ние сакаме да има фудбал , да има клуб, но во овој момент сме со врзани раце за делување , вели Груевски.
Груевски наведува дека ФК Пелистер само за плати на фудбалерите им должи помеѓу 130 000 до 150 000 евра, заклучно со 31 декември 2017 година. Се должат пари на поранешните тренери,(Наџи Шенсои 24 000 евра), се должат пари за превоз 15 000 евра , се должи кон вработените во клубот, кон разни менаџери и добавувачи.
Инаку Општина Битола е 25 проценти акционер во ФК Пелистер , а за 2017 година исплатени се сите средства кои со договорот се обврска на Општината, односно се исплатени 130 000 евра. За 2018 година од буџетот се издвоени рекордни 33 000 000 денари.