АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Завршува акцијата за собирање на гранати останати од Првата светска војна кај стадионот „Под Тумбе кафе“ во Битола. Извадени се околу 11560 гранати, а утре ќе се проверува со детектор и низ земјата што ја ископа багерот каде можно е да има уште 30 парчиња или вкупно извадени околу 12 000. Иако се проценуваше дека можно е површината со затрупани бомби да има поголема зафатнина, сепак денешната акција покажа дека последните количини беа извадени под патот, па веќе нема потреба од нови ископи и рушење на делницата.
„Ја прогласувам акцијата за завршена, само останува утре да се пребара низ ископаната земја. Ова не беше досега случај во Битола, Македонија, па повозрасните пиротехничари кажуваат дека ни на Балканот немало толкав арсенал на едно место најдени гранати. Следна фаза е ништење кое ќе се случува во Криволак во декември, договорени се четири термини, но со толку не можеме да ја завршиме работата и ќе се бараат нови термини. Важно е тоа што овие гранати се чуваат на безбедно место со физичко обезбедување, не се опасни“, рече Димче Јошевски од Дирекцијата за заштита и спасување.
Бомбите беа оставени од германско-бугарскјата војска при повлекување во Првата светска војна и со оваа количина Битола стана најендемското подрачје на Балканот по пронајдени неексплодирани убиствени средства.