2win800x200

Дел од рудникот „Суводол“ на РЕК „Битола“ во иднина би прераснал во современа регионална депонија

Август 30, 2021

Новата регионална депонија за Пелагонискиот и Југозападниот плански регион би се градела на еден дел од досегашниот рудник за јаглен „Суводол“ на РЕК „Битола“. Со ваков план, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП) сака да го реши проблемот со нестандардните општински депонии во овие два региони, кои се извор на негодувања на граѓаните, критики на УНЕСКО и на еколошките организации поради досегашните палења на отпадот, загадувањето на водите и нивната севкупна опасност по животната средина.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ велат дека во моментов се изработува Студијата за оцена на влијание врз животната средина и истата треба да биде доставена до Министерството, за да во октомври годинава биде издадено решението.

„После тоа ќе следат јавни расправи, согласно Законот за животна средина, па потоа ќе се изработи финална верзија на Студијата која ќе се достави до МЖСПП“, информираат од ова министерство.

Со изградбата на регионалната депонија на местото на дел од рудникот „Суводол“, во иднина треба да се затворат постојната охридска депонија „Буково“, струшката депонија, како и сите останати општински локации за одлагање на отпадот кои до денешен ден предизвикуваат проблеми и негодувања кај населението и еколозите.

„Финансиските средства за воспоставување на овој систем за управување со отпадот ќе бидат обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Во тек е одобрување на финалните документи од страна на банката, и се очекува процесот за реализација и на овој дел од проектот да започне кон крајот на 2022 година“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инаку, локацијата на идната регионална депонија е во еден дел од рудникот за лигнит „Суводол“, каде рударските активности се запрени долг период наназад. Годишно на оваа депонија би се одлагале 37.522 тони отпад од двата плански региона, додека реализацијата на проектот предвидува исполнување на европските стандарди – собирање на исцедокот за да се спречи загадување на водите, како и изведба на подлога на депонијата од геолошка бариера, геомембрана, геотекстил и слој за дренажа.

Покрај тоа што ќе биде оградена, идната регионална депонија ќе има горилник за депонискиот гас, зона за заштита од пожар, пречистителна станица за отпадни води и простор за складирање на рециклабилни материјали.

Покрај ова, со регионалниот систем за управување со отпад во Југозападниот и Пелагонискиот регион е предвидено да се изградат претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола.

Инаку, идната депонија што ќе се гради на дел од рудникот „Суводол“ била рангирана како најсоодветно место за изградба и работа во двата региона. Таа се наоѓа на територијата на Општина Новаци, на 2,4 километри оддалеченост од селото Мегленци, пренесува https://meta.mk/del-od-rudnikot-suvodol-na-rek-bitola-vo-idnina-bi-prerasnal-vo-sovremena-regionalna-deponija/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани