АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Детското ликовно студио "Св. Кирил и Методиј" - Битола е формирано на 6 октомври 1981 година, по иницијатива на тогашниот Републички комитет за култура и образование. Основната цел на Студиото беше и натаму останува да ги опфаќа и доизградува младите ликовни таленти од битолските основни училишта и предучилишни установи.
Членувањето во студиото е бесплатно, а тоа се врши по пат на конкурс што се распишува во почетокот на учебната година. Во просек, студиото го посетуваат по 50 деца на возраст од 5 до 18 години.
Почетокот со работа на Студиото беше повеќе од скромен. Студиото не располагаше ниту со соодветни простории, ниту пак со потребните средства за набавка на ликовен материјал. Но, со голем ентузијазам проблемите се разрешуваа. Пресвртна година за студиото беше 1987, кога тоа доби посебна зграда на трајно користење. Зградата беше прилично запуштена, но сега таа е вистинска убавица и украс на Старата битолска чаршија. Зградата е на три ката и располага со детска ликовна галерија и два ликовни салони од кои едниот се користи за работа на членовите на студиото.
Во изложбените простории на детската ликовна галерија има постојани постановки од прилично богатата колекција на Студиото на тема "Старата македонска архитекура" и најдобрите дела од Светската ликовна изложба. Овие простори се користат и за одржување на други културни манифестации: литературни читања, музички приредби, детски ликовни изложби, изложби на истакнати ликовни уметници...
Детското ликовно студио од година во година ја прошируваше својата дејност и постигнуваше се покрупни успеси во својата благородна работа. Најголем успех на студиото претставува организирањето на меѓународниот фестивал "Мал битолски Монмартр" и неговите придружни манифестации: меѓународната изложба на детски цртежи "Битола", ликовните каравани, летните ликовни школи и др.
Членовите на студиото редовно и со голем успех учествуваат на речиси сите позначајни светски ликовни манифестации и детски меѓународни ликовни конкурси освојувајќи огромен број на вредни награди и признанија (златни, сребрени и бронзени медали, специјални награди, дипломи и сл.).
Во текот на изминатите 40 години низ ликовната школа на студиото поминале преку 2000 деца. На многумина од нив ликовната уметност им станала животна професија...
„Мисијата на мојот татко и таткото на Малиот Битолски Монмартр, Коста Хаџи Антоновски продолжува... Детско ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ после паузата поради пандемијата со Ковид пак ја започна својата работа со талентирани деца. Членувањето е бесплатно “, рече Елена Хаџи Антонова од Стидиото „Св.Кирил и Методиј“.