2win800x200

Вирологот Лук Монтение не е ликвидиран, починал на 89 години во болница

Февруари 25, 2022

Не постои сомнеж, а уште помалку официјална потврда дека Монтение бил ликвидиран. Засега не е објавена точната причина за смртта, но повеќе од сигурно е дека тој починал откако бил хоспитализиран поради влошена здравствена состојба. Смртта настапила во време кога тој бил опкружен со своите најблиски, со што е исклучена секаква можност за ликвидација

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека францускиот виролог Лук Монтение е ликвидиран поради неговите тврдења против вакцинацијата. Ова е целосна дезинформација.

Во објавата пишува:

Пред да биде ликвидиран го кажа ова:

Лук Монтање Нобеловец:

„Вакцинирањето е огромна грешка… создава нови видови и предизвикува смртни случаи“

Францускиот виролог, добитник на Нобеловата награда, виролог Лук Монтање ја нарече масовната вакцинација за време на пандемијата „незамислива“ и историска грешка, што доведе до „создавање нови видови“ и причина за смрт.

„Историските книги ќе го запишат тоа, бидејќи вакцинацијата е она што ги предизвикува соевите.

Многу епидемиолози знаат и сè уште „молчат“ за овој проблем познат како „зголемена зависност од антитела“.

„Антителата произведени од вирусот ја прават инфекцијата посилна“, рече Монтање во интервју со Пјер Барнериас од Hold-Up Media овој месец.

Лук Монтение, инаку ко-откривач на вирусот (ХИВ) не е ликвидиран. Локалниот весник „FranceSoir“ објави дека тој починал во вторникот (08.02.2022) во Ној-сур-Сен, опкружен со своите деца, на 89 години, а тоа го пренесе и „Би-би-си“.

Француските медиуми прво објавија дека тој починал во американската болница во „Ној-сур-Сен“ на 8 февруари. Локалните власти подоцна и официјално ја потврдија неговата смрт, пренесе „Би-би-си“.

Не постои сомнеж, а уште помалку официјална потврда дека Монтение бил ликвидиран. Засега не е објавена точната причина за смртта, но повеќе од сигурно е дека починал откако бил хоспитализиран поради влошена здравствена состојба. Смртта настапила во време кога тој бил опкружен со своите најблиски, со што е исклучена секаква можност за ликвидација.

Во постот авторот пренесува цитати од Монтение, тврдејќи дека вакцинирањето е огромна грешка, дека вакцинацијата ги предизвикува новите соеви, а епидемиолозите знаат и молчат за истото. И ова претставува дезинформација.

Вакцинацијата не е грешка, бидејќи таа е единствениот излез од пандемијата. Ова го тврдат сите официјални институции СЗО, ЕМА, ФДА, ЦДЦ врз база на добиени податоци од научни анализи и истражувања. Според американскиот Центар за превенција и контрола на болести ЦДЦ и германскиот институт Роберт Кох (РКИ), заштитата од зараза на лицата вакцинирани со mRNA вакцина е 80 проценти. На возраст од 12 до 17 години, моменталната заштита во просек изнесува 90 проценти. Вакцинираните сè уште се многу подобро заштитени од инфекција, за разлика од невакцинираните.

Голем дел од изјавите на Лук Монтание, наидоа на бројни критики во научната јавност и беа оценети како неточни, исто како и тврдењето дека вакцинацијата ги предизвикува новите соеви на ковид-19.

Сметаме дека овие тврдења се лажни. Нема докази дека вакцините создаваат повеќе варијанти. Варијанти на вирусот SARS-COV-2 се создаваат по случаен избор, преку масовно ширење на вирусот. Вакцинацијата е дел од решението за сузбивање на преносите. Речиси сите одобрени вакцини против ковид-19 кои се користат кај луѓето спречуваат асимптоматска инфекција и ширење. Кога вирусот широко циркулира во популацијата и предизвикува многу инфекции, веројатноста вирусот да мутира се зголемува. Колку повеќе можности има вирусот да се шири, толку повеќе се реплицира – и толку повеќе можности има да претрпи промени, стои во објавата на фактчекерите за News wise.

Понатаму, не е точно дека антителата произведени од вирусот ја прават инфекцијата посилна. По прележан ковид-19 или по вакцинација, телото создава антитела против таканаречениот спајк протеин. Вирусот САРС-КоВ-2 го користи овој протеин за да се „закачи“ и да навлезе во клетките. Користејќи го овој протеин, пак, антителата може да го препознаат вирусот, да му се прикачат и да го направат видлив за имунолошките клетки.

Вакцините го учат нашиот имунолошки систем да гради специфични антитела против вируси и бактерии или нивни токсини кои предизвикуваат болести. Со тоа, нашиот организам се опремува за „борба“ против нив дури и без претходно да се разболите. Значи, во иднина, кога организмот ќе наиде на вируси или на бактерии против кои има вакцини, тој веќе знае како да ги победи.

Во вториот дел од постот пишува:

 Новите соеви се резултат на вакцинација. Можете да видите во секоја земја, тоа е исто: во секоја земја, по вакцинацијата, следат смртни случаи“, рече францускиот виролог.

Пјер Барнеријас го праша Лук Монтање за податоците на Светската здравствена организација (СЗО) кои покажуваат дека откако вакцините се појавија во јануари, бројот на нови инфекции „експлодира“ заедно со смртните случаи, „особено кај младите“.

„Да“, рече францускиот виролог, кој е професор на Универзитетот Џиао Тонг во Шангај. “И тромбоза, итн.”

Тромбозата – или згрутчувањето на крвта – се покажа како неочекуван проблем со вакцините за коронавирус и причина зошто вакцината AstraZeneca е прекината во неколку земји.

Не е вистина да се тврди дека самата вакцина, односно дека вакцинираните луѓе се причината поради која вирусот мутира. Проверувачите на факти на „Ројтерс“ го дебанкираа ова тврдење и го оценија како невистинито.

Првиот факт е дека коронавирусот почна да мутира уште пред да почне вакцинацијата. На 20 декември 2020 година, постоеле барем 7 варијанти, односно мутации на вирусот, а вакцинацијата тогаш не беше почната.

Според релевантни извори, за кои веќе имаме пишувано, вирусот мутира кога се шири, а причината се токму невакцинираните лица. 

Нема докази за смртни случаи предизвикани од вакцинацијата, особено кај млади луѓе, како што се тврди во постот. Според сите научни студии вакцината прорив коронавирусот докажано штити од тешки форми на болест и на смрт. За да бидат одобрени за употреба, вакцините против ковид-19 мора да ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и делотворност.

Оттаму, штетно е да се изнесуваат вакви дезинформации, кога сите факти покажуваат дека процентуално вакцинираните помалку се заразуваат, а што е најважно, не развиваат тешка клиничка слика на ковид-19.

Понатаму, нема докази дека вакцините предизвикуваат тромбоза. Згрутчувањето на крвта често се случува кај луѓето, така што не може сите случаи на згрутчување на крвта после вакцинацијата против ковид-19 да се поврзат со вакцината.

На веб-страницата на СЗО во секцијата посветена на вакцините стои објаснувањетo:

Вакцините против ковид-19 создаваат заштита од болеста, преку развивање имунолошки одговор на вирусот САРС-Ков-2. Развивање имунитет преку вакцинација значи намален ризик за развој на болеста и нејзините последици. Овој имунитет ви помага да се борите против вирусот доколку се изложите. Вакцинирањето, исто така, ги заштитува луѓето околу вас, информираат од СЗО.

На страницата на Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) во делот на „избрани несакани настани пријавени по вакцинацијата против ковид-19“, не се наведени пријавени случаи на згрутчување на крвта по примена „Фајзер“ вакцина. Вакви случаи се забележани по примена „Џонсон и Џонсон“ вакцина, но тие се многу ретки, нагласува ЦДЦ.

Поради сите изнесени аргументи овој пост го оценуваме како дезинформации.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани