АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Објава на социјалната мрежа Фејсбук ги наведува корисниците на социјалните мрежи да ги одбиваат вакцините за нивните деца и бебиња и тврди дека оние кои не се вакцинирани никогаш не се болни. Оваа објава освен што е неточна, е опасна и со ширење на ваков наратив може да се загрози здравјето и животот на децата.
Во постот објавен на Фејсбук, кој има над 100 допаѓања и шест споделувања се вели:
Одбивајте вакцини за вашите деца и бебиња.
По секоја цена .
+30 години
и никогаш болни.
Не е точно дека вакцините разболуваат, дека не спречуваат заразни болести или дека се штетни. Напротив, тие спасуваале и спасуваат милиони луѓе годишно.
Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.
Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или се ставени под контрола. Вакцините се од клучно значење за спречување и контрола на епидемии на заразни болести.
Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.
Според СЗО, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, веднаш е подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болеста.
Вакцините го намалуваат ризикот од заболување работејќи со природната одбрана на вашето тело за да се изгради заштита. Кога ќе добиете вакцина, вашиот имунолошки систем реагира на следниот начин:
Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни се вакцини против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис. Сите овие вакцини предвидени во календарот, се задолжителни според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето.
Па така родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца, законски подлежат на постојани казни, т.е. ги плаќаат глобите за секоја одделна вакцина која нивното дете нема да ја прими, а е задолжителна. Овие родители не можат да ги запишат децата во градинка или во училиште, каде како доказ за прием децата се бара потврда дека ги имаат примено сите вакцини.
Имунизацијата со вакцините против актуелната пандемија со ковид-19 во нашата земја, за децата како и за возрасните не е задолжителна. Вакцинацијата против ковид-19 во земјава, како и секаде во светот, е бесплатна и е на доброволна основа за сите возрасни групи кои сакаат да се заштитат од смртоносниот вирус. Нејзината цел е да го научи нашиот имунолошки систем како да го препознае и да се бори против вирусот што предизвикува ковид-19.
Иако вакцините против ковид-19 како и против други болести, како впрочем и кои било други лекови, можно е да имаат одредени нуспојави, сепак, тие се премногу ретки.
И покрај тоа што вакцината не е задолжителна, сепак таа се препорачува затоа што пружа заштита против болеста ковид-19 и игра голема улога во сузбивање на коронавирусот и спречување на создавање нови мутации.
Целта на имунизацијата, против било која болест, е да спречи тежок облик на болеста и смртност, односно да спаси човечки животи. Освен тоа, со вакцинирањето не се заштитуваме само себеси, туку и оние околу нас. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата не смее да прими вакцина, како на пример лицата што имаат одредени алергии, бебињата, па така, тие зависат од останатите, кои треба да се вакцинираат и да помогнат да се намали ширењето на болеста.
Во постот, кој е невистинит, целосно изостануваат научни докази, детали и објаснувања како се дошло до овие заклучоци, а притоа се изнесуваат сериозни обвинувања кои освен што се неточни можат да го ризикуваат индивидуалното, но и јавното здравје.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар