2win800x200

Владата предводена од СДСМ не го затвори „Југохром“

Март 26, 2022

Комбинатот „Југохром“ се затвори во ноември 2016 година  поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците, кој истече на 31 октомври 2016 година.Тогаш со централната власт не раководеше СДСМ, туку пржинската влада на чело со техничкиот премиер Емил Димитриев од ВМРО ДПМНЕ, партија од која доаѓа  градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиновски. СДСМ ја презеде власта дури на 31 мај 2017 година, по шестмесечната бурна политичка криза која настана по предвремените парламентарните избори кои се одржаа во декември 2016 година

Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски во објава на Фејсбук вината за затворањето на комбинатот „Југохром“ ја лоцираше во власта предводена од СДСМ:

Со голема разочараност и неверување ги известувам граѓаните на општина Јегуновце, после повеќе од 7 години се става клуч на дисперзираната канцеларија на Агенција за вработување во Јегуновце.

Без никакво образложение, без анализа, анкета, без консултации со локалната власт, ни пристигна известување дека едноставно дисперзираната канцеларија ќе се затвори…

Малку ѝ беше на ненародната и одродена власт што го затвори Југохром, сега ја затворија и дисперзираната канцеларија на Агенција за вработување во Јегуновце.

Вандализам!

[Извор: Фејсбук профил на Димитар Костадиноски; Датум: 14.03.2022]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во оваа објава на градоначалникот на Општина Јегуновце,  Димитар Костадиноски  се искажани две неточни тврдења. Костадиновски кој, инаку, е од редовите на ВМРО ДПМНЕ, вели дека „ненародната и одродена власт го затворила Југохром“, мислејќи притоа на политичките опоненти односно на власта предводена од СДСМ, што не е  вистина.  Градоналникот вели и дека „без анализа и анкета е затворена дисперзираната канцеларија на Агенцијата за вработување во Јегуновце “, што, исто така,  не е вистина.

Комбинатот „Југохром“ се затвори во ноември 2016 година, поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците, кој истече на 31 октомври 2016 година. Тогаш со централната власт не раководеше СДСМ, туку пржинската влада на чело со техничкиот премиер Емил Димитриев од ВМРО ДПМНЕ, партија од која доаѓа градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиновски.

На 1 ноември 2016 година тогашниот министер за животна средина и просторно планирање, Башким Амети по средбата која ја имаше со тогашната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи за медиумите ја даде следнава изјава.

Денеска ја информирав Арифи дека инспекторатот донесе одлука за затворање на „Југохром“. Ова решение е донесено врз база на сите законски прописи, иако со оваа одлука не се согласуваат сите засегнати страни. Да се донесе ваква одлука е тешко, имајќи ја предвид социјалната димензија и луѓето кои работат таму, но, сепак, сметаме дека здравјето на граѓаните е пред сè .

Утредента (02.11.2016) раководството на „Југохром“ соопшти дека по одлуката на Инспекторатот започнале со етапно гасење на печките на комбинатот и до полноќ сите погони ќе бидат згаснати.

СДСМ ја презеде власта дури на 31 мај 2017 година, по шестмесечната бурна политичка криза која настана по предвремените парламентарните избори кои се одржаа во декември 2016 година. Тогаш во Владата на чие чело застана социјалдемократот Зоран Заев, освен коалицијата предводена од СДСМ, влегоа ДУИ  и Алијанса за Албанците.

Така што, тврдењето дека актуелната власт го затворила „Југохром“ е неточно.

„Вистиномер“ ја провери и вистинотоста на изјавата на градоначалникот Костадиноски во делот каде што вели дека  без никакво образложение, без анализа, анкета, без консултации со локалната власт пристигнало известување дека дисперзираната канцеларија на Агенцијата за вработување во Јегуновце ќе се затвори. И ова негово тврдење се покажа неточно.

Од Агенцијата за вработување за „Вистиномер“ образложија зошто се одлучиле да ја затворат дисперзираната канцеларија.

Одлуката за затворање на дисперзираната канцеларија на Агенцијата за вработување во Општина Јегуновце е донесена врз основа на анализа на податоци кои укажуваат на недостаток на аргументи за нејзина понатамошна одржливост. Имено, услугите на оваа дисперзирана канцеларија се користени во многу мала мера од страна на невработените лица каде таа била лоцирана. Како најнов податок ви ја доставуваме информацијата дека во месец  февруари и месец март 2022 година услугите на оваа канцеларија ги искористиле само 86 лица. Истата канцеларија не била во функција скоро една година во текот на 2021 година и до Агенцијата за вработување не пристигнало барање за потреба за нејзина функционалност, се вели во писменото известување што го добивме од Агенцијата за вработување.

Од известувањето од Агенцијата за вработување може да се заклучи дека дисперзираната канцеларија е затворена по претходна анализа, којашто покажала дека канцеларијата била многу малку користена, а одреден период не била ниту во функција. Што е спротивно на тврдењето на Костадиноски дека било ставено клуч на оваа подрачна единица, без никаква анализа и анкета.

ИЗВОРИ:

Оцени: Зоран Димовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани