2win800x200

Речиси еден милион евра ќе платат општините за привремени вработувања

Април 26, 2022

Само од 1 јануари 2022 година до крајот на март, склучени се над 20 договори меѓу општини и агенции за привремени вработувања кои чинат речиси еден милион евра. Највисоки суми за ангажирање агенции за привремени вработувања имаат општините Тетово (297 илјади евра), Охрид (речиси 70 илјади евра), Гази Баба (речиси 200 илјади евра), Брвеница (73 илјади евра), Илинден (65 илјади евра). Привремените вработувања, во изминативе години, беа сериозно критикувани во извештаите на Европската комисија како можност за ангажирање партиски војници во администрацијата 

Пишува: Мери Јордановска

Околу еден милион евра дваесетина општини ќе платат на агенциите за привремени вработувања, за да вработат нови луѓе преку хонорарен ангажман, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки кои ги анализираше „Вистиномер“. Парите ќе бидат дадени за да се вработат лица кои ќе бидат ангажирани со договор на дело, на една година, практика која во земјава функционира со години, а за истата долго време реагира Државната комисија за спречување на корупцијата, со образложение дека преку ангажирањето лица преку агенции за вработувања се овозможува секаков вид на влијание – партиско влијание, непотизам, кронизам и клиентелизам.

За ангажирањето на овие лица, кои се вработуваат хонорарно, во случајов во општините, не се распишува оглас за вработување и договорот, според договорите објавени на веб страницата на Бирото за јавни набавки, се склучуваат на една година. Потоа, истите можат да се продолжат, без да се распише оглас за вработување според прецизни критериуми.

По завршувањето на локалните избори минатата година, каде што во најголем дел од општините се смени власта, односно од СДСМ премина во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, на Бирото за јавни набавки можат да се најдат голем дел огласи за ангажирање агенции за привремени вработувања.

Па така, само од 1 јануари 2022 година до крајот на март, склучени се над 20 договори меѓу општини и агенции за привремени вработувања кои ја надминуваат сумата од еден милион евра. Станува збор за општините Тетово, Пехчево, Илинден, Чешиново Облешево, Прилеп, Конче, Куманово, Могила, Липково, Демир Капија, Сопиште, Брвеница, Ново Село, Гази Баба, Пробиштип, Охрид, Крива Паланка, Кривогаштани, Босилово, Боговиње и Конче. Највисоки суми за ангажирање агенции за привремени вработувања имаат општините Тетово (297 илјади евра), Охрид (речиси 70 илјади евра), Гази Баба (речиси 200 илјади евра), Брвеница (73 илјади евра), Илинден (65 илјади евра)…

Во договорите стои дека не е задолжително да биде потрошена целата сума предвидена во договорот.

Агенциите за привремено вработување се еден вид на посредник на пазарот на труд. Тие ги задоволуваат потребите на претпријатијата корисници за флексибилност на работната сила, од една страна и на работниците за привремени вработувања од друга страна. Но, Законот за агенциите за привремени вработувања предвидува точно под кои услови една институција може да склучува договори на овој принцип.

Агенцијата за привремени вработувања, според Законот (член 4), може врз основа на договор за отстапување на работник меѓу агенцијата и друг работодавач, да отстапи работник на друг работодавач корисник за вршење на привремени работи, само во случаи на: замена на привремено отсутен работник; привремено зголемен обем на работа; сезонска работа; работа на проект; специфични неконтинуирани работи кои не се дел од претежната дејност на работодавачот корисник и непредвидливи краткотрајни активности што се јавуваат во вршењето на претежната дејност на работодавачот корисник.

Но, во земјава, привремените вработувања речиси редовно, се користат надвор од Законот. Државната комисија за спречување на корупцијата уште пред две години реагираше дека „со ваквите вработувања се манипулира и со фактот што вработените се ангажираат за вршење работи предвидени со систематизациите за подолг период, а не како што е предвидено со законот, за зголемен обем на работа, замена на вработен кој е подолго отсутен, или за одредена работа – проекти“.

Слично нешто се потврдува и во Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 за период 01.01.2021 – 31.12.2021. Во Извештајот  се вели дека Министерството за информатичко општество и администрација се обврзало да ја укине можноста за вработување преку агенции за времени вработувања и можноста привремените вработувања да се трансформираат во вработување на неопределено работно време без редовна постапка за вработување. Ова не се остварило во рокот кој бил предвиден, односно во втората половина од 2021 година.

Проблем 1: Неусогласеност на голем број на закони кои го регулираат вработувањето со што се овозможува секаков вид на влијание: партиско влијание, непотизам, кронизам и клиентелизам.

Мерка 1: Укинување на можноста за вработување преку Агенции за времени вработувања и на можноста привремените вработувања да се трансформираат во вработување на неопределено работно време без редовна постапка за вработување.

Активност 1.1.: Измена на Законот за вработените во јавниот сектор заради укинување на можноста за вработувања преку Агенции за времени вработувања и за трансформација на работниот однос без редовна постапка за вработување.

Рок: втора половина на 2021 година

Надлежна институција: МИОА

Статус: Нереализирана. Во периодот на доставување на извештаите, МИОА, иако клучна институција во оваа област, од вкупно 6 извештаи за 2021 година, нема доставено ниту еден, а притоа не номинираше претставници за тркалезните маси по сектори. (Годишен извештај стр.19)

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, за „Вистиномер“ вели дека од претходниот градоначалник наследил 31 договор за привремени вработувања, од кои на 25 им завршувале договорите во ноември 2021 година, а на петмина во април годинава.

Од тие 31 лица кои биле ангажирани, само петмина доаѓале на работа, останатите 26 воопшто не се појавувале. На четворица пак, наменски, пред локалните избори им биле продолжени договорите. Распишавме оглас за ангажирање Агенција за привремени вработувања затоа што сè уште не беа направени систематизации и план за вработување за 2022 година. Јас морав да ангажирам пет лица за мојот кабинет, како и инспектор за патишта, а потоа за наредната година ќе биде направена систематизација, вели Пецаков за „Вистиномер“. 

Привремените вработувања, во изминативе години, беа сериозно критикувани во извештаите на Европската комисија како можност за ангажирање партиски војници во јавната администрација. Овие вработувања беа посочувани како „наменски, политички и арбитрарни вработувања“.

Постапките за договорите на определено време и договорите за дело со пониски критериуми, продолжуваат да се користат често, заобиколувајќи ги критериумите утврдени во Законот за административни службеници. Критериумите за отпуштање треба да бидат потранспарентни. Голем број на високо раководни позиции беа пополнети со лица со статус „вршител на должност“ подолго време. Многу од в.д. раководителите беа назначени со целосен мандат во летото 2021 година. Државната комисија за спречување на корупцијата продолжи да ги решава предметите на незаслужни назначувања во 2020 година, се вели во последниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на С.Македонија.

И покрај критиките од релевантни фактори и институции за (зло)употребата на привремените вработувања надвор од Законот, на Бирото за јавни набавки годинава повторно можат да се сретнат голем број договори со агенциите за привремени вработувања, освен со општините, склучени и со  Собранието, здравствените институции и јавните претпријатија во државата.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани