
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
МВР поднесе кривична пријава за несвесно работење за четворица свои вработени, а меѓу нив и екс началникот на СВР Битола Бенито Јошевски. Станува збор за постапување во врска со тендер за одржување на хигиена во работни и други простории на МВР и АНБ за период од две години. Екс началникот се сомничи дека ја повлекол фактурата за исплата на фирмата која чистела во службените простории, иако услугите биле навремено извршени, со што направил финансиски импликации спрема МВР. Засегнатата фирма тужела, а штетата од постапката на четворицата осомничени на име камата за задоцнето плаќање и судски трошоци се проценува на околу 3 и пол илјади евра.
Соопштението од МВР ви го пренесуваме интегрално
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Ф.Х.- началник на Регионалниот центар за гранични работи Запад, Н.С.- началник на Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад, Ц.Ј. - самостоен советник за финансиски работи во Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад и Б.Ј. – началник на СВР Битола за време на извршување на делото, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик.