2win800x200

Од вакцинираните не треба да бегатe како од чума

Јули 25, 2021

 Спајк протеинот, кој се создава во организмот на вакцинирано лице, воопшто не е истиот како спајк протеинот на коронавирусот, а дури и кога би бил, тој по вакцината е во количество 100 илјади пати помало отколку она потребно да направи штета! Не постои шанса ни начин ковид-19 вакцинираната личност да ја ,,шири вакцината”, изјавија од Центарот за контрола и превенција на болести во одговор за „Ројтерс“. Вакцините не содржат метали и не е точно дека спајк протеинот е магнетизирачки. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на Фајзер содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто

Рецензираме пост во којшто се тврди дека спајк протеинот, кој се создава по мРНК вакцината, го имаат сите вакцинирани и се пренесува со самото тоа што невакцинираниот ќе биде во иста просторија со вакцинираниот. Во видеото кое трае 12 минути, изнесени се барем 4 дезинформации поради медицинска неписменост на говорникот, кој, патем, не е доктор.

Тука таксативно ќе ги наброиме:

  1. На 31 секунда од видеото се поставува прашањето кон неименуван соговорник, каков ефект ќе има ако невакцинирано лице стои во близина на вакцинирано лице. Одговорот на неименуваниот говорник е дека тоа стоење во близина на вакциниран ќе го направи невакцинираниот болен. По што продолжува (45 секунда од видеото):

Коронавирусот е во 99 проценти од случаите безопасен. Тие што имаат сериозни симптоми, ги имаат поради спајк протеинот што е на надворешноста на вирусот и се закачува на рецепторите. Тие што се вакцинирани, треба да знаат дека секоја клетка во нивното тело сега го произведува тој спајк протеин. Тој е во нивниот здив кога издишуваат и другите може да го инхалираат. Го има на нивната кожа, па ако ги допрете вакцинираните може да се инфицирате не со вирусот, туку со протеинот. Течностите од нивното тело го има тој спајк протеин. 905 бебиња што се доени од вакцинирани мајки, умреле. Причината на смртта е воспаление, зашто спајк протеинот предизвикува воспаление во телото, почнува да образложува говорникот (до 2.50 мин. во видеото).

2. Во 4.32 мин. вели:

Спајк протеинот е магнетски, не само инфективен. Тие што се вакцинирани стануваат магнети како Икс Мен.

3. Од 5.37 мин. до 6.27 мин. се изнесува едно параноидно тврдење:

Што се случува кога невакциниран човек е во иста просторија со вакциниран, па сето тоа што му се случува на вакцинираниот, ќе почне да му се случува на невакцинираниот. Зашто го инхалирале спајк протеинот или го апсорбирале од кожата. Спајк протеинот кој е инфективен ќе ве афектира на ист начин како и тој што го засукал ракавот и се вакцинирал.

4. Од 6.50 мин. во видеото продолжува со дезинформирањето:

Не само што се инхалира спајк протеинот од вакцинираниот, туку и микро мРНА, па тоа претставува вонземското програмирање. Вакцинираните луѓе се чума и така треба да ги одбегнувате. Вирусот не е болеста. Со 150 милиони вакцинирани веќе не ви треба вирус, туку само ви треба спајк протеинот, и вакцината ќе се шири сама од себе.

Вакцината не е заразна!

Што е вистината? Прво, за фамозниот спајк протеин, најактуелната во моментов тема на којашто се дискутира во антивакциналните кругови. Спајк протеинот, кој се создава во организмот на вакцинирано лице, воопшто не е истиот како спајк протеинот на коронавирусот, а дури и кога би бил, тој по вакцината е во количество 100 илјади пати помало отколку она потребно да направи штета!

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“.

Не постои шанса ни начин ковид-19 вакцинираната личност да ја ,,шири вакцината”, изјавиле од Центарот за контрола и превенција на болести во одговор за „Ројтерс“.

Вакцините против ковид-19 им даваат инструкции, односно ги учат клетките како да направат протеин – дел од протеинот кој провоцира имун одговор внатре во телото. Откако делот од протеинот е направен, клетката ги распаѓа инструкциите и се ослободува од нив. Имуниот одговор кој продуцира антитела, е она коешто спречува инфекција ако реалниот вирус влезе во телото.

Да се тврди дека вакцинираните ги заразуваат невакцинираните со спајк протеин преку воздухот или кожата, е медицинска неписменост од ноторен калибар.

мРНА вакцините содржат само инструкции за создавање на спајк протеинот и се неспособни да генерираат вирусни честички, така што ништо не може да се прошири, вели доктор Даниел Курицкез, шеф на одделот за инфективни болести на Брингам болницата, една од водечките научни институции дел од Медицинското училиште на Харвадрд за Ројтерс.

Тој додава дека мРНК вакцините се распаѓаат од 24 до 48 часа и исчезнуваат од телото на тој што ги примил за ден или два.

Доктор Едвард Ниренберг демонстрира дека количината на спајк протеин којашто ја создаваат вашите клетки после вакцинацијата е 100 илјади пати помала од нивото на спајк протеин во вирусот кој предизвикува штета. Исто така, овој спајк протеин, создаден од вашите клетки, не е истиот како вирусниот спајк протеин!

Со него се согласува и доктор Ури Манор кој ја потврдува безбедноста на мРНК вакцините. И владата на Канада објаснува дека мРНК вакцините не се опасни и дека спајк протеините создадени по вакцинацијата нудат двојно ниво на заштита.

Вакцината на „Фајзер“ е синтетичка мРНК вацкина и не содржи вирусни честички. Поради тоа што не се создава вирус во телото, не се случува ни ширење на вакцината надвор од човечкото тело, вели портпаролката на Фајзер Џерика Питс за „Асошиејтед Прес.“

Таа додава дека вакцината не може да се вдише или да се пренесе преку кожата туку само може да влезе во телото преку администрирање на доза.

Доктор Луси МкБрајд, интернист во Вашингтон вели дека кога луѓето се инфицирани со вирусот, без разлика дали имаат или немаат симптоми, го шират вирусот.

Вакцината не се шири. Вакцината не е заразна. Нема биолошки механизам преку којшто таа би се проширила од вакциниран на невакциниран, вели таа.

Опасното тврдење дека кога ќе бидете во близина на вакциниран треба од него да бегате како од чума, фактички е повик за стигматизација на вакцинираните, а истовремено ги дискриминира вакцинираните заради нивниот избор да го заштитат своето и колективното здравје.

Вакцини, метали , магнети

Вакцините не содржат метали и не е точно дека спајк протеинот е магнетизирачки. Има антивакцинален тренд на манипулирање со јавното мислење, каде што луѓе лепат на своето рамо (со селотејп или на друг начин) метални парички, ножици или други предмети и лажно претставуваат дека тие предмети остануваат на рамото поради наводен чип или наводно магнетизирачки состав на вакцината. Дури и Центарот за контрола и превенција на болести во САД мораше официјално да објаснува дека вакцините немаат магнетизирачко својство.

Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на Фајзер содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Дури и целата доза која се инјектира да содржи феромагнетен метал, повторно не би било доволно за да се создаде ефектот од видео материјалите. Кога ќе се погледне составот на Фајзеровата вакцина, се гледа дека таа содржи мРНА липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери, кои пак, може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.

Тоа што, некои луѓе лепат магнет на своето рамо, а потоа тврдат дека тоа е од вакцината, не е доказ дека таа има микрочип. Не може да се знае што користат на магнетите за тие да може да се залепат, дали е лепило, дали е селотејп, дали можеби е, само потта од раката, пишува реномираниот „Форбс.“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани