АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук со следната содржина:
Давидова ѕвезда.
За сите вакцинирани малоумни полтрони треба јасно и на видливо место да бидат обележени. Вакцинираните се потенцијална опасност за нашето здравје. Тие се идните теледиригирани зомби самоубијци.
Погоре опишаното тврдење не е поткрепено со никаков извор. Во продолжение на постот објавени се три фотографии. На една од нив, покажана е помодрена рака од неидентификувана личност за која што не може да знаеме ниту која е, ниту дали е вакцинирана. За оваа конкретна фотографија, исто така, утврдивме дека не може да се докаже дека реакцијата претставена на неа е последица од вакцина. Оваа фотографија и претходно е постирана на Фејсбук, исклучително е вирална и во коментарите на некои постови се тврди дека е од извесна Катја Петрова од Бугарија. Се оди и дотаму во дезинформирањето што се тврдеше дека оваа фотографија била емитувана на бугарските национални медиуми, што не е точно. Повеќе за оваа фотографија прочитајте на следниот линк од нашата претходна рецензија.
Понатаму, постирана е втора фотографија од рамо на неидентификувано лице, на кое се залепени ножици, монети и други метални предмети. Ваквиот тренд на социјалната мрежа „Тик Ток“ е претворен во предизвик, а тврдењата се дека магнетизирачките својства на вакцината, наводно предзвикуваат луѓето да привлекуваат предмети кои на нив ќе се лепат.
Девојката која го почна предизвикот на „Тик Ток“, за „Би-Би-Си“ изјави дека ,,луѓето треба да престанат да веруваат во сè што ќе видат на Фејсбук, Јутјуб или на Тик Ток”, додавајќи дека сето тоа било шега и го повлече видеото. Нејзиното извинување може да го погледнете со почеток на 2 минута на ова видео. Но, беше предоцна, бидејќи предизвикот на лепење метални предмети и лажењето дека тие се лепат на рамото поради вакцината против ковид, веќе зеде залет.
Наспроти овие тврдења, во вакцините нема магнетизирачки компоненти. Ниту во оние на Фајзер, ниту во Модерна, ниту во „Астра Зенека“, ниту во „Спутник“, ниту во „Синовак“ и „Синофарм“, нема магнетизирачки компоненти.
Професорот по вирусологија на Универзитетот Сорбона во Париз, Винсент Марекал вели дека иако оваа дезинформација е атрактивна, не е базирана на вистина.
Дури и кога вакцините би содржеле железо или никел (а НЕ СОДРЖАТ), количеството во вакцината би било премало да се предизвика магнетизирачко дејство.
Сите имаме јони на железо во нашето тело, а сепак не сме магнети, вели истражувачот на Жан Ламур Инститот во Франција, Хелен Фишер.
Ерик Палм, директор на лабораторија за магнетски полиња на Универзитетот Флорида, вели дека иглите кои се користат во вакцинацијата, се толку мали во дијаметар помали од 1 милиметар, што кога ќе се инјектира дозата, количеството вакцина е толку мало, што не дозволува магнетно дејство да се создаде, дури и кога екстремно магнентна состојка би била инјектирана (фиктивно и хипотетички). Повеќе за оваа фотографија прочитајте на следниот линк.
Сепак, „Форбс“ нотира дека има ронка вистина во тоа дека многу луѓе можат да залепат метални магнетни или други предмети, како стакло, порцелан, пластика, дрво и алуминиум на нивната кожа. Но, во овој феномен нема магнетизам туку нешто многу пообично. Причината поради која предметите може да се лепат за некои луѓе е силата наречена „фрикција“ (триење).
Во секој случај каде што овие „човечки магнети“ биле тестирани, се добивале истите резултати. Тие се: ако се обидете да го измерите магнетното поле околу личноста, ќе добиете нула резултат, нема детектирано магнетно поле. Понатаму, истите луѓе кои можат да залепат магнетни предмети на нивните тела може да залепат и немагнетни предмети со истата леснотија. Трето-лепењето се случува само кога кожата е мазна и без влакна. Четврто – секогаш човекот на кој се лепи предметот или е навален наназад или го лепи предметот под агол од 90 степени. И петто, како што е покажано на овој линк, нивните наводни магнетски моќи исчезнуваат ако им ја прекриете кожата со пудра.
Некои луѓе имаат полеплива кожа од другите. Впрочем и во видеото што го рецензираме во склоп на постот, кожата на жената прво е пребришана со влажно марамче. Човековото тело не поседува мерливи магнетни полиња само по себе. Не е од вакцината зашто во неа нема магнетизирачки состојки. Способноста на кожата да биде леплива, не се менува од вакцината, наведува „Форбс“ во својата анализа.
Наспроти овие логични објаснувања, трендот на социјалните мрежи за магнетизирачките наводни својства на вакцините, сега се надоградува во овој пост и со демонизирање на вакцинираните. Во постот неосновано се обвинуваат овие луѓе кои примиле вакцина, дека претставуваат опасност за другите луѓе. Дури и фанатички се ословуваат како самоубијци, иако основната цел на вакцината е да обезбеди заштита од смрт и од тешки последици од коронавирусот.
Не е вистинито ниту тврдењето дека вакцините се потенцијална опасност по нашето здравје.
Студиите покажуваат дека вакцините против КОВИД-19 се ефикасни во спречувањето да не се заразите со КОВИД-19. Експертите исто така сметаат дека примањето на вакцината против КОВИД-19 може да помогне да не се разболите сериозно, дури и ако се инфицирате со КОВИД-19. Вакцините против КОВИД-19 го учат нашиот имунолошки систем како да го препознае и да се бори против вирусот што предизвикува КОВИД-19. Обично се потребни неколку недели по вакцинирањето за телото да создаде заштита (имунитет) од вирусот што предизвикува КОВИД-19. Тоа значи дека можно е некое лице да се зарази со КОВИД-19 веднаш по вакцинирањето. Ова се случува поради тоа што понекогаш, кај некои луѓе, кои веќе биле инфицирани со вирусот, се наоѓале во период на инкубација или дошле во контакт со вирусот веднаш по примање на првата доза, вакцината немала доволно време да обезбеди заштита, пишува на официјалната страница на Министерството за здравство за информации околу вакцинацијата.
Нашите експерти, меѓу кои, и претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова велат дека ризиците од вакцината се илјадници пати помали од ризиците на ковид.
Понатаму, неизбежно е да се каже и дека вакцинацијата во Македонија е доброволна и никој не присилува никого да биде вакциниран. Вакцинираните луѓе, наспроти тврдењето во постот, не претставуваат никаков ризик по здравјето на невакцинираните.
На крајот треба да се каже и тоа дека постот предизвикува нетрпеливост и го загрозува јавното здравје, промовирајќи наратив во кој се жигосуваат поединците кои решиле да го заштитат своето здравје и да го искористат правото да се вакцинираат. Сето ова се прави со употреба на навредлив речник.
Така што, како невистинито го оценуваме тврдењето дека вакцинираните се потенцијална опасност за невакцинираните и дека се самоубијци. Напротив, тие се заштитници на своето и на здравјето на другите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар