АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Исклучително вирален пост пренесува дезинформација дека е извршено генетско инженерство со ковид-19 вакцините, со кое се менува пораката на ДНК. Ова тврдење му е атрибуирано на доктор Ендру Вејкфилд.
Вакцините развиваат спајк протеин. Извршено е генетско инженерство. Пораката на ДНК се менува.
Овој доктор нема славна репутација и минато. Во 1980-тите и 1990-тите години неколку организирани групи му се спротиставија на вакцинирањето во Велика Британија. Во овој контекст, Ендру Вејкфилд и неговите колеги објавија студија во реномираното медицинско списание „Лансет“, која потоа е повлечена, по што во 2010 година Вејкфилд бил исклучен од Британскиот медицински регистар од страна на генералниот медицински совет на Британија. Лажното истражување врз 12 деца, промовирало непостоечка врска меѓу аутизмот и ММР вакцините против сипаници и рубела. Оваа студија го издигна антивакциналното движење, а Вејкфилд останува предводник на интернационалното антивакцинално движење. Многу други големи епидемиолошки студии не најдоа разлика во развојот на децата кои примиле ММР вакцина и оние кои не примиле.
Вејкфилд го има и во книгата „Докторот што го измами светот“, на истражувачкиот новинар Брајан Дир, чие што известување во Сандеј Тајмс помогна да се разобличи студијата од 1998 г. како лажна и неетичка, како и методолошки несоодветна.
Тврдењето изнесено во постот, дека се менува ДНК во организмот на лице кое се вакцинирало, е дезинформација.
На официјалната страница на Министерството за здравство, за вакцинацијата пишува дека мРНК вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин.
Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, наведуваат здравствените власти на земјава, следејќи ги светските препораки и искуства околу вакцината.
Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ објасни дека преку вакцината воопшто не влегува материјален ентитет, односно спајк протеин во организмот.
Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.
Професор Џефри Алмонд од Универзитетот Оксфорд, за „Би Би Си“ изјави дека фајзеровата вакцина користи фрагмент од вирусниот генетски материјал или мРНА.
Кога ќе се инјектира мРНК во телото, тој не ја афектира на ниеден начин ДНК на човековата клетка, изјави тој.
MSK центарот за канцер наведува дека мРНК се разградува после 72 часа и исчезнува од телото и никогаш не оди во јадрото на клетката (каде што е лоцирана ДНК).
Алијансата за вакцинација ГАВИ, посочува експлицитно дека нема да се промени вашата ДНК преку вакцинацијата.
Оттука, како дезинформација ги оценуваме изнесените твдења дека ДНК на вакцинираното лице се менува. Во постот се дезинформира и на начин што е испуштено да се наведе дека спајк протеинот, кој се создава после вакцинацијата, не е ист ни по квалитет, ни по квантитет со спајк протеинот на коронавирусот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар