2win800x200

Не е точно дека карантинот во Австралија се воведува за присилна вакцинација

Јули 29, 2021

Сиднеј воведе карантин поради брзото ширење на делта сојот на коронавирусот и тврдењето дека воведувањето на мерки е со цел присилна вакцинација, е неточно. Исто така, вакцинирањето во Австралија е на доброволна основа и граѓаните сами може да изберат дали сакаат да се вакцинираат против ковид-19. Неточно е и тврдењето дека нема починати од корона вирусот. Таму се регистрани 910 смртни случаи. Постот манипулира и со процентот на заболени со коронавирусот, тврдејќи дека заразени се  0.018 % од популацијата. Австралија има  речиси 26 милиони жители и кога ке се земе бројот на заболени со ковид-19, кој изнесува околу 31.000, излегува дека процентот на заразени е 0,12, а не 0,018

Објава на Фејсбук неточно го поврзува карантинот во Сиднеј со вакцинцијата, манипулира со бројки, тврдејќи дека се официјални, негира дека постои пандемијата со ковид-19 и невистинито трврди дека вирусот е наметнат заради присилна имунизација на населението. За поубедлива антиваксерска кампања се користи и фотографија од Skynews.com.au, на којашто е прикажан Сиднеј потполно празен, а на неа е напишано: „5 милиони жители на Сиднеј под клуч“.

Сиднеј денес.
НАЈ прометното место во градот е пустелија.
Двонеделниот карантин е продолжен за уште една недела.
5 мил. жители затворени за вирус од кој никој не починал оваа година во Австралија, и со процент на заразени од 0.018% од популацијата. (Официјални податоци), се вели во првиот дел на постот.

 

За што всушност станува збор?

Вистината е дека Сиднеј воведе карантин поради брзото ширење на делта сојот на коронавирусот. Заклучувањето започна на 26 јуни и требаше да заврши на 9 јули, но се појавија нови случаи – вкупно 370, затоа е продолжен карантинот до 17 јули. Според „Би-би-си“, бројот на инфицирани со делта сојот на коронавирус во Сиднеј порасна и ова е првпат во неколку месеци жаришта да се откриени на повеќе локации ширум земјата. Австралискиот град Сиднеј вчера (08.07.2021) регистрираше највисок број нови случаи на ковид-19 во последните неколку месеци, иако е во состојба на строг карантин веќе две недели. Регионалната влада соопшти дека  се регистрирани 38 случаи во Сиднеј, со што бројот на заразени со делта сојот порасна на над 370.

Неточно е тврдењето дека таму нема починати од корона вирусот. Да, Австралија беше многу поуспешна од другите развиени земји во спречувањето на ширењето на коронавирусот и досега забележа само 30.905 случаи на ковид-19, но регистрани се и  910 смртни случаи.

Постот манипулира и со бројките, односно процентот на заразени со коронавирусот, тврдејќи дека се официјални податоци. Австралија има речиси 26 милиони жители и кога ќе се земе бројот на заболени со ковид-19, кој изнесува околу 31.000, излегува дека процентот на заразени е 0,12 (по еден заразен на 838 жители), а не 0,018, како што се тврди во постот.

Доброволна, а не присилна вакцинација

Во вториот дел од постот се вели:

Вакцинацијата е единствена опција за враќање на слободата, изјави премиерката на Нов Јужен Велс..
Ниту по една дефиниција, ова не е ПАНДЕМИЈА.
Уште еден доказ дека вирусот е наметнат за присилната вакцинација.

Ваквото тврдење, дека воведувањето на мерки е со цел присилна вакцинација, е неточно.

Факт е дека вирусот се проширил од хотелски карантин, при што предизвикал брз „локдаун“ на најголемите градови во Австралија, вклучувајќи ги Бризбејн, Дарвин и Перт. Причината за „локдаунот“ е немањето доволно вакцини, односно помалку од 10 проценти австралиските граѓани се вакцинирани.

Исто така, факт е дека вакцинирањето во Австралија е на доброволна основа и граѓаните може да изберат дали сакаат да се вакцинираат против ковид-19 или не. Ако изберат да не се вакцинираат против ковид-19, тоа не влијае на правото на нивното семејство да добие помош поврзана со трошоците за детска нега (Family Tax Benefit Part A), на пример, како и други бенефиции. Што значи, нема рестрикции, а уште помалку присилна вакцинација.

На крајот на постот се вели дека пандемијата не постои, а вирусот е измислен заради вакцинација на населението.

Факт е дека пандемијата постои, СЗО ја прогласи на 11 март 2020 година, а причината беше брзото ширење на коронавирусот надвор од Кина во повеќе земји во светот. За тоа дека коронавирусот постои секојдневно има нови докази, научни студии и анализи кои потврдуваат за ефикансоста и безбедноста на вакцините. Според официјалните податоци од СЗО, заклучно со 9 јули 2021 г., од корона вирусот се заразиле 185.038.806 лица, а од последиците на вирусот починати се вкупно 4.006.882 лица.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани