2win800x200

Слаб одзив за вакцинација во струшко, лекарите го повикуваат населението да се вакцинира

Јули 31, 2021

Интересот за вакцинација во Општина Струга е мал, особено во руралните средини каде процентот на имунизирани е под 20 отсто. Со исклучок на  Вевчани, каде е вакцинирно 60 проценти од населението над 18 години. За разлика од Струга во охридско двојно е поголем одзивот за вакцинација. Со стапка 42,9 отсто, Охрид е на второ место во земјава по имунизација после Кавадарци

Пишува: Соња Рилковска

Слаб одзив за вакцинација во Струга и струшко. Според официјалните информации на Министерството за здравство во Општина Струга само 23,1 отсто од населението се имунизирало. Слична е состојбата и во Дебар, таму има уште помал одзив за вакцинација , само 17.3 отсто.

Струга беше еден од градовите во земјава со најголема смртност од последици од коронавирусот. До денес битката со ковид-19 ја изгубиле 197 лица, што е највисока стапка на леталитет во земјава, но и покрај тоа нема голем интерес за вакцинација.

Очигледно е дека населението има слаб одзив за вакцинација. Мораме да преземеме мерки. Дали преку медиуми, преку влијателни личности, да бараме некој начин да го зголемиме интересот за вакцинација, вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“ Вевчани.

Вакцинацијата во струшко се одвива на шест пунктови, три во струшката болница и уште три на Здравствениот дом „Д- р Светозар Чочороски“ распределени во Вевчани, Лабуништа и Велешта. Со теренската вакцинација се очекува да се зголеми бројот на заинтересирани граѓани.

Со теренската вакцинација факт е дека порасна бројот. Попристапни им се вакцините и полесно доаѓаат. За масовната вакцинација тие мораа да патуваат до Охрид или до Вевчани. Сега со теренските пунктови кои ги отворивме граѓаните без најава може да се вакцинираат, додава Стојкоски.

Најголем интерес за вакцинација има во Вевчани, дури 60 отсто од населението над 18 години е имунизирано, најслаб во Лабуништа и останатите села Велешта, Татеши, Подгорци, каде процентот на вакцинција е под 20.

Докторите апелираат – излезот е во вакцинацијата

Според лекарите, излезот од пандемијата и враќањето во нормалниот живот е во масовната имунизација. Треба да бидеме среќни што имаме достапни вакцини и сите што поскоро да пристапиме кон вакцинација, велат здравствените работници.

Единствениот излез од корона кризата е во вакцинацијата. Ние од оваа здравствена установа сите вработени, први се вакциниравме. Треба сите се вакцинираат за да можеме да се вратиме во нормалниот живот. Тоа во овој момент е единствено решение. Мора да се стекне колективен имунитет, а тоа најдобро би се направило со вакцинација, нагласува доктор Јетмир Зиба специјалист интернист, раководител на одделот за хемодијализа во Специјалната болница за нефрологија-Струга.

Доктор Валентина Докоска микробиолог од болиницата за нефрологија во Струга вели дека таа се вакцинирарала со две дози од вакцината „Фајзер“.

И можам да се пофалам дека после две недели од втората доза имам добар имун одговор, имам одлична количина на антитела. Немав никакви проблеми од вакцината и сметам дека не треба да се прави разлика која вакцина е добра или лоша, Јас како лекар тврдам дека сите вакцини се добри и ефикасни, сите поминале тешки филтри за да стигнат до населението и пазарот, напоменува таа.

Во Општина Струга од почетокот на пандемијата до денес заболеле околу 3.986 лица, а моментално активни се само 5 случаи, во Охрид заболеа 5.025 има 6 активни случаи со коронавирус. Но, за разлика од Струга, во охридско двојно е поголем интересот за вакцинација. Со стапка 42,9 отсто, Охрид е на второ место во земјава по имунизација после Кавадарци.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани