АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека Комисијата за заразни болести на Велика Британија до владата на оваа земја испратила документ во којшто, наводно, се ,,признава” дека ковид вакцините би довеле до нова варијанта која би убила до 35 проценти од луѓето, бидејќи вакцините не превенираат зараза од вирусот и негово пренесување.
Како поткрепа за ваквото тврдење, поставен е линк што води до статија која, пак, се повикува на следниот документ.
Токму овој документ, според напишаното во постот, покажува дека ковид вакцините би довеле до нова варијанта на коронавирусот која би убила до 35 проценти од луѓето, бидејќи не го превенираат заразувањето со ковид и преносот на трети лица од страна на вакцинираниот.
„Вистиномер“ детално го разгледа овој документ и заклучи дека изнесеното во постот е дезинформација.
Во документот се изнесени четири хипотетички сценарија, за иднината на пандемијата со коронавирусот кои се однесуваат на самиот вирус. Во првото сценарио што е образложено, се споменува бројката што се посочува во пост, поради што заклучуваме дека објавата се однесува токму на ова сценарио. Но, во документот пишува дека ова сценарио (хипотетичко и неостварено), би се случило како резултат на нова мутација на коронавирусот, а не на вакцината, како што лажно се презентира во постот.
Во текстот од документот се вели:
Прво сценарио би било варијанта која предизвикува сериозна болест кај поголем дел од популацијата отколку досега, на пример со слична стапка на смртност за други коронавируси како што се Сарс Ков (приближно 10 проценти стапка на смртност) или Мерс Ков (приближно 35 проценти стапка на смртност). Ова може да биде предизвикано од мутации или рекомбинации со други вирални гени. Ова може да се случи со промена во внатрешните гени на Сарс Ков 2 како полимеразните протеини. Овие гени го одредуваат исходот од инфекцијата на начин што влијаат на тоа како вирусот е процезиран во клетката, брзината со која вирусот се реплицира и антивиралниот одговор на клетката на инфекцијата. Постои преседан кај коронавирусие да обезбедат дополнителни гени или секвенци од домаќинот, од нив самите или од други вируси. Втората причина поради која ова сценарио може да се случи е рекомбинација меѓу бета и алфа или делта варијантите.
За да се избегне ова сценарио, има и дел од документот којшто се однесува на решенијата, односно како да се одговори на ова сценарио.
Во тој дел (страница 2 од документот), се вели дека она што може да се направи да се избегне ова сценарио е да се даде бустер доза од вакцината за да се обезбеди заштита против сериозна болест, да се редуцира ризикот од трансмисија на Сарс Ков 2 во Велика Британија, да се минимизира ризикот да се внесат нови варијанти од други територии, да се продолжи со развојот на терапевтски лекови против Сарс Ков 2.
Се забележува дека воопшто не се споменува оти вакцината би ја предизвикала таа нова варијанта, како што лажно се тврди во постот.
Според второто изложено сценарио, во иднина би можело да се појави варијанта на коронавирусот којашто ќе биде отпорна на вакцината која моментално е во употреба. Ова може да биде предизвикано од антигенска промена, односно да се создаде вирус кој ќе биде способен за високо ниво на репликација во човековите клетки. Последицата би била вирус кој предизвикува болест слична на Сарс Ков 2 кога тој првпат се појави, но против кој моменталните вакцини не би биле функционални. Во делот за решенија, односно препораки кои би можело да се направи во ваков случај, пишува дека би требало да се развие слична вакцина.
Поради оваа изложена аргументација, односно откако го прочитавме целосно документот којшто е линкуван во постот што го рецензираме, ги оценуваме како невистинити тврдења дека „ковид вакцините би довеле до нова варијанта која би убила и до 35 проценти од луѓето бидејќи вакцината не служи за превенција на вирусот“.
Тој дел е погрешно интерпретиран, иако самиот документ е многу јасен и тешко се прават грешки во неговата интерпретација особено во поглед на фактите дека станува збор за хипотетички сценарија кои не се остварени во реалноста и тоа е експлицитно и децидно наведено.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар