2win800x200

Не е точно дека со вакцините против ковид ќе ве убијат

Октомври 20, 2021

Наспроти тврдењето во постот дека вакцините убиваат, многупати е покажано и во научни студии и емпириски во секојдневниот живот, дека ризикот од ковид и неговите компликации е далеку поголем од ризикот од вакцините и нивните несакани ефекти. Познатите ризици од ковид-19 и неговите компликации како долготрајни здравствени проблеми и смрт, надалеку натежнуваат над потенцијалните ризици да се има ретка несакана реакција од вакцината, пишува на веб-страницата на Центарот за контрола и превенција на болести во САД. Во однос на тврдењето од постот дека дел од профитот на „Фајзер“ е поделен и за политичарите во Македонија, тоа е целосно паушално нафрлено и непоткрепено со никакви докази

Рецензираме пост на Фејсбук во кој без никакви докази се тврди дека заработката на „Фајзер“, од наводни 35 милијарди евра се распределува меѓу политички функционери, затоа што тие во ниеден момент не застанале зад правото на избор на граѓаните да се вакцинираат или не. Во секој случај, ова е манипулација.

Во Република Северна Македонија вакцинацијата е доброволна и се спроведува со писмена согласност од тој што се вакцинира, којашто се дава на самиот пункт. Никој не присилува никого на вакцинација, меѓутоа доколку граѓанинот одбива да се вакцинира, владите ширум светот имаат право да го заштитат и јавното здравје. Односно, да превенираат ширење на коронавирусот, на начин што ќе се ограничи влезот и излезот во одредени поголеми трговски објекти, или на настани каде присуствуваат стотици или илјадници граѓани. Но, и покрај ваквите мерки има голем дел граѓани кои одлучуваат да не се вакцинираат и да живеат без да ги посетуваат овие објекти, да не одат во ресторани и кафулиња. Нив никој не ги присилува да се вакцинираат.

Во вториот дел од постот кој го рецензираме се вели:

Ковид е измама. Одбивајте вакцини. Борете се за вашата слобода.
Имате сатанисти – пипци во Собрание.
Платени да ве убијат. Со вакцини.
Чувајте ги вашите деца.
 
Со ваквиот повик свесно се создава паника и се загрозува јавното здравје, затоа што се тврди дека „вакцините ќе ве убијат“. Многупати е покажувано и во научни студии и емпириски во секојдневниот живот, дека ризикот од ковид и неговите компликации е далеку поголем од ризикот од вакцините и нивните несакани ефекти.
 

На пример, луѓето кои се целосно вакцинирани имаат околу 50 проценти помала веројатност да страдаат од долгoтрајни симптоми на ковид-19 во споредба со невакцинираните. Ова се наведува во новото истражување, објавено во Лансет кое, исто така, потврди дека целосно вакцинираните луѓе, кои се инфицираат, имаат значително помала веројатност да бидат хоспитализирани или да страдаат од тешки симптоми.

Откривме дека шансите за појава на симптоми за 28 дена или повеќе по инфекцијата се приближно преполовени со две дози на вакцина, велат истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон.

Центарот за контрола и превенција на болести во САД (ЦДЦ) на својата официјална веб-страница наведува дека вакцините против ковид се безбедни и ефективни, дека милиони граѓани во САД примиле вакцина против ковид-19 под најстрог мониторинг во историјата на САД. Центарот за контрола и превенција на болести на САД препорачува секој над 12 години да прими вакцина и тоа што побрзо за да се заштити од ковид-19 и придружните компликации.

Познатите ризици од ковид-19 и неговите компликации, како долготрајни здравствени проблеми и смрт, надалеку натежнуваат над потенцијалните ризици да се има ретка несакана реакција од вакцината, пишува на веб-страницата на ЦДЦ. 

Во  соопштението на Министерството за здравство од 15 октомври 2021 година се вели дека од 6 август до 14 октомври, од 1.382 пациенти кои починале од ковид, 83 проценти не биле вакцинирани, а 17 проценти биле вакцинирани. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Далеку поголем е и бројот на заразени од ковид коишто не биле вакцинирани. Од 6 август до 14 октомври, се заразиле 40.208 граѓани, а од позитивните само 25 проценти биле целосно вакцинирани, а другите 75 проценти не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица, кои се невакцинирани, изнесува 79 отсто, наспроти 21 отсто целосно вакцинирани пациенти од сите моментално хоспитализирани лица болни од ковид.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација и дека секоја вакцина која ја има на располагање е безбедна. Оттаму аелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.

Професор доктор, Драган Даниловски за телевизијата „Канал 5“ изјави дека сите вакцини спречуваат тешки симптоми или смрт од коронавирусот.

Се претпоставува дека во Велика Британија вакцините спречиле 60 илјади смртни случаи.

Доктор Харис Бабачиќ, докторанд во Шведска на Институтот Каролинска, објаснува дека дури и некој да се зарази со ковид-19 по две примени дози вакцина, клиничката слика на пациентот нема да биде толку тешка и најверојатно нема да доведе до хоспитализација, како во случајот кога би биле невакцинирани.

Во врска со случајот во кој вакциниран човек што се заразил и починал од ковид-19 што доведе до некаква паника во јавноста, чувствувам потреба да појаснам што, всушност, значи високата ефикасност на вакцините во спречувањето на смртниот исход од ковид -19. Не познавам процедура што гарантира апсолутна стопроцентна заштита од некоја болест или смрт во кое било поле, па ни во медицината. Така е и со вакцините. Студиите за процена на ефикасноста можат да проценат дека некоја вакцина е сто проценти ефикасна во даден експериментален дизајн, но во реалноста најчесто се случува вистинската ефикасност, односно ефективноста, да биде неколку проценти пониска. Ефикасност од 99 проценти во спречувањето на смрт од ковид-19 би значело дека, ако од 100 илјади невакцинирани починале илјада луѓе, од 100 илјади вакцинирани ќе починат 10 луѓе доколку се заразат. Не значи дека нема никогаш повеќе да видиме луѓе да починат од ковид-19 доколку сите ги вакцинираме. Ќе гледаме, но разликата ќе биде огромна, споредено со тоа да не го вакцинираме населението. Со дадениот пример, тоа се 900 спасени животи на 100 илјади вакцинирани. Се надевам дека ова ќе ги разреши дилемите во јавноста доколку имало некакви забуни, вели Бабачиќ.

Поради погореизложените докази дека вакцинацијата спречува тешки форми на болеста и смртност, како и го намалува ризикот од хоспитализација, оценуваме дека е невистинина тврдењето дека со вакцините се убива. Напротив, со нив се спасуваат животи. Во однос на тврдењето од постот  дека дел од профитот на „Фајзер“ е поделен и за политичарите во Македонија, тоа е целосно паушално нафрлено и непоткрепено со никакви докази.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани